Аналитичари за изборите: СДСМ треба да има шанса да обезбеди мнозинство да формира влада

Your browser doesn’t support HTML5

Даниел Сервер и Флоријан Бибер за исходот на изборите во Северна Македонија

Резултатот е тесен, но е одраз на сликата на теренот во Македонија, велат експерти и очекуваат тешки преговори за коалицирање

Долгогодишните аналитичари за балкански прашања, професорот Даниел Сервер од Универзитетот Џонс Хопкинс во Вашингтон, и Флоријан Бибер, професор за југоисточна европска историја и политика при Универзитетот во Грац, Австрија, наведуваат дека резултатот од изборите во Македонија е очекуван, но претстојат тешки преговори за коалицирање во жешкото лето.

Гласачко место во С. Македонија

SEE ALSO: Конeчни неофицијални резултати: СДСМ - 46, ВМРО ДПМНЕ - 44, ДУИ -15, Алијанса -12 пратенички мандати
Добра вест е што се одржаа избори, резултатите се јасни и сега останува на партиите да преговараат за формирање влада, а тоа ќе биде тежок процес
Даниел Сервер


Многу тесен исход. Заев оствари добар учинок со надминување на оспорувањето на Договорот од Преспа од опозицијата, но и ВМРО-ДПМНЕ постигна извонреден резултат во оправување од времето на Груевски. Добра вест е што се одржаа избори, резултатите се јасни и сега останува на партиите да преговараат за формирање влада, а тоа ќе биде тежок процес, коментира Сервер.

Кој ќе формира Влада?

„Кој ќе обезбеди мнозинство во Парламентот, ќе ја води државата. Нормалниот процес е СДСМ да добие прв шанса да формира влада, но зависи и што ќе одлучи ДУИ и другите албански партии. Тоа, во голем дел е согласно со традицијата во Македонија, кога при преговарањето меѓу македонските политички партии, им остава на албанските партии да биде клучни во процесот“, смета американскиот аналитичар.

На иста линија е ѝ долгогодишниот аналитичар за Балканот од Универзитот во Грац, Австрија, Флоријан Бибер.

Јасно е дека партијата со најголем број гласови, треба прва да има шанса да формира влада. Аргументот да се поаѓа од националност или етничноста е апсурден.
Флоријан Бибер


„Јасно е дека партијата со најголем број гласови, треба прва да има шанса да формира влада. Аргументот да се поаѓа од националност или етничноста е апсурден. Се работи за волја на мнозинството од гласачите. СДСМ има најголем број гласови со коалицијата пред изборите. ВМРО-ДПМНЕ е губитник на овие избори, беа во опозиција изминатите години и не успеаја да капитализираат на прашањето со промената на името, туку имаат послаб резултат. СДСМ минатите избори заврши на второто место, а сега освоија најмногу гласови и веројатно ќе формираат коалиција со било која албанска партија“, оцени Бибер.

SEE ALSO: Овие избори, како први по влезот во НАТО, се значаен чекор кон демократијата, соопшти Амбасадата на САД во Македонија

Според Бибер, сликата на теренот и начинот на кампања ја доловува реалноста во која се наоѓа Северна Македонија на политички план -

„Би рекол очекувани, како што се очекуваше тесна трка меѓу Социјалдемократите и ВМРО-ДМПНЕ. СДСМ се очекуваше да има блага предност, иако резултатот е малку потесен, отколку што се прогнозираше. Севкупно, исходот од изборите не е изненадувачки, и е одраз на сликата на теренот – ВМРО-ДМПМНЕ не капитализираше на кампањата што ја водеше, а социјалдемократите не добија целосна доверба од гласачите на изборите“, вели професорот од Универзитетот во Грац.

ОБСЕ за изборите во Северна Македонија

Во реакцијата од ОБСЕ се вели дека - предвремените парламентарни избори во Северна Македонија беа добро организирани и покрај пандемијата, но правната сигурност остава простор за загриженост. „Денот на гласање помина мирно и покрај одредени технички предизвици поврзани со известувањето за резултатите“, се наведува во прелиминарната оценка за изборите на меѓународниот набљудувачки тим на ОБСЕ/ОДИХР.

Коалицијата „Можеме“ предводена од СДСМ во новиот собраниски состав ќе има 46 пратеници, коалицијата предводена од ВМРО- ДПМНЕ 44, ДУИ 15, Алијанса за Албанците и Алтернатива 12, Левица два и ДПА еден, покажува симулацијата на Државната изборна комисија ( ДИК) врз основа на првичните нрезултати од предвремени парламентарни избори од обработени 3.421 од вкупно 3.480 избирачки места. Останатите девет партии и коалиции учесници на изборите не освоиле пратенички мандат. Најмногу гласови 324.084 или 36,12 отсто има коалицијата на СДСМ, пред коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ со 312.745 гласа или 34,85 отсто, ДУИ 101.432 или 11,3 отсто, Алијанса за Албанците и Алтернатива 76.425 или 8,57, Левица 37.057 или 4,16, а ДПА 13.553 или 1,52 отсто.