Или си во НАТО или не си

Your browser doesn’t support HTML5

Реакции по изјавата на Трамп за солидарноста во НАТО

Реакции по изјавата на Доналд Трамп за солидарноста во НАТО и дали Вашингтон треба автоматски да ги брани членките на Алијансата, ако бидат нападнати

Последната изјава на републиканскиот претседателски кандидат Доналд Трамп дека е потребно да „се следи водството на Москва“ во разни глобални прашања при што го доведе под прашање клучниот член од договорот за НАТО, прашувајќи дали е неопходно САД секогаш да ги брани членовите на Алијансата ако се загрозени, предизвика бурни реакции.

Претседателска трка во САД разгоре дебата по изјавата на републиканскиот кандидат Доналд Трамп за солидарноста во НАТО со која покрена прашање дали Вашингтон треба автоматски да ги брани членките на Алијансата, ако бидат нападнати. Во интервју за Њујорк Тајмс, Трамп рече дека ако членките не ги исполнат обврските спрема НАТО со финансирање, тогаш САД нема да можат да застанат зад нив. Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг веднаш реагираше дека солидарноста меѓу сојузниците е клучна вредност за НАТО“. Портпаролот на Белата куќа Џош Ернест реагираше дека САД имаат безрезервни заложби спрема сојузниците во НАТО.

Лук Кофи е директор на Центарот за надворешна политика во Фондацијата Херитиџ.

„Кој и` да биде следен претседател на САД, членство во НАТО е многу конкретна обврска. Или си во НАТО или не си. Ако си во НАТО, веднаш добиваш безбедносни гаранции. Така фунционираат односите во Алијансата уште од формирањето во времето на Студената војна. Секое отстапување од повелбата е опасно за НАТО и испраќа погрешен сигнал до Русија“, вели Кофи.

И Џефри Гедмин од Атлантскиот совет во разговор за грузиската редакција на Гласот на Америка, изрази загриженост за евентуалното претседателствување на Трамп со оглед дека нема искуство во јавна служба, при што изрази скептицизам за надворешната политика која се совпаѓа со онаа на Русија.

„Не знаеме како ќе владее Трамп, но ако треба да шпекулираме веројатно ќе биде на иста линија со визијата на Владимир Путин за поделена Европа, Европа која делумно ќе биде зависна од Москва и Кремљ. Мислам дека тоа ќе ја ослабе Европа, ќе ги поткопа американските интереси. Не мислам дека е конструктивна политика и треба да бидеме загрижени. Тоа е оди во корист на надворешната политика на Русија“, коментира Гедмин.

Аналитичарот Кофи за Гласот на Америка изрази надеж дека следниот претседател, независно кој ќе победи на изборите во ноември ќе ја почитува повелбата на НАТО дека ако една членка е нападната другите ќе ја бранат. САД имаат обврски спрема други држави, вели Кофи и потсетува дека и Америка имала корист од заедничкиот безбедносен договор во НАТО. Според него, во интерес на САД е Европа да остане стабилна и НАТО да го има клучниот збор за одржување на безбедноста на Стариот континент.