Линкови за пристапност

Претседателот ги повика Американците да ги отфрлат цинизмот и стравот


На Демократската национална конвенција во Филаделфија, Обама ја опиша Клинтон како кандидат кој верува во државата

Американскиот претседател Барак Обама во средата навечер изнесе зошто мисли дека Хилари Клинтон треба да ја преземе работата, кога тој ќе ја напушти функцијата во јануари, велејќи дека ниеден маж или жена се поквалификувани за тоа место.

Неговиот говор на Демократската национална конвенција во Филаделфија, Пенсилванија, ги истакна постигнувањата на неговата администрација, додека во исто време ја опиша Клинтон како кандидат, кој верува дека државата е подобра кога луѓето од секакво потекло се здружени.

„Оваа година, во овие избори, барам од вас да ми се придружите – да го отфрлите цинизмот, да го отфрлите стравот, и да се повикате на она што е најдобро во нас, да ја ја избереме Хилари Клинтон за нашиот следен претседател, и да му покажеме на светот дека се` уште веруваме во ветувањето на оваа голема нација“, рече Обама.

Тој зборуваше за нејзиното искуство, што вклучува служба како државна секретарка за време на неговото претседателствување во првиот мандат, споредувајќи го со републиканскиот кандидат Доналд Трамп, кој никогаш не бил на избрана функција.

Обама кажа дека ништо вистински не го подготвува поединецот да биде претседател.

„Се` додека не седнете на таа таа столица, не знаете што значи да менаџирате со глобална криза, или да испратите млади луѓе во војна. Но, Хилари беше во таа соба, таа беше дел од тие одлуки. Таа знае што е во залог со одлуките што ги донесува владата, што е во залог во работничко семејство, за постарите граѓани, за сопствениците на мали бизниси, за војниците, за ветераните“.

Присутните во Филаделфија гласно негодуваа кога Обама го спомена Трамп, на што Обама одговори:

„Не негодувајте, гласајте“.

Тој кажа дека минатонеделната републиканска конвенција не претставила сериозни решенија, туку ги разгорела „незадоволството, обвинувањата, омразата и лутината“.

Претседателот ја критикуваше кампањата на Трамп, која вклучи предлози за изградба на ѕид на американско-мексиканската граница и спречување на муслиманите да влегуваат во државата.

За пораката на Трамп до сојузниците во НАТО, дека САД нема да скокнат во помош, ако тие не ги исполнуваат своите финансиски обврски, Обама рече:

„Тој му се додворува на Путин, го фали Садам Хусеин, им вели на сојузниците кои беа со нас по 9/11 дека треба да платат за нашата заштита. Американските ветувања не доаѓаат со цена“.

Американскиот потпретседател Џо Бајден, голем дел од неговиот говор, го посвети на Трамп и на неговите ветувања за средната класа.

„Тој се обидува да ни каже дека се грижи за средната класа. Ве молам, тоа се глупости“, рече Бајден.

Потпретседателот додаде дека овие времиња се многу небезбедни, а заканите преголеми, за да биде избран Трамп.

„Ниту еден номиниран кандидат на голема партија во историјата на оваа нација, не бил помалку подготвен да се справи со националната безбедност“, вели Бајден.

Критиките продолжија кога на сцена излезе Тим Кејн, сенатор од Вирџинија и избор на Клинтон за потпретседател.

XS
SM
MD
LG