Канцеларијата за правосудство при мисијата на ЕУ во Косово назначи американски обвинител да спроведе истрага по наводите дека премиерот Хашим Тачи и други виши официјални лица се инволвирани во мрежа за трговија со човечки органи.
Во соопштение во понеделникот, мисијата соопшти дека Џон Клинт Вилијамсон од САД е именуван за главен обвинител во случајот. Неговиот тим треба да ги истражи извештаите за поранешниот лидер на косовските бунтовници дека наводно бил дел од синџир за трговија со човечки органи со кои се финансирала независноста на Косово кон крајот на 1990-тите.
Советот на Европа минатиот декември наведе дека премиерот Хашим Тачи бил на чело на криминална организација која профитирала од трговија со човечки органи. Извештајот наведе дека има „бројни индикации“ дека поранешниот лидер на ОНА раководел со центри за приведување долж границата на Албанија со Косово, каде притвореници, воглавно Срби, биле убивани, а нивни органи биле продавани на црн пазар.
Тачи ги демантираше обвинувањата и го оцени извештајот како фабрикување со цел да се оцрни Косово.