Северна Македонија: Избори во јули стануваат извесно сценарио

Your browser doesn’t support HTML5

И еврокомесарот за проширување во телефонскиот разговор со лидерите на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ зборувал за изборите

Сериозна е веројатноста наредниот месец да се одржат парламентарните избори. За тоа говори фактот дека на синоќешната седница владата донесе уредба со законска сила за ажурирање на избирачкиот список што е фактичко продолжување на изборниот процес и сигнал дека најверојатно нема да се бара шефот на државата да прогласи нова вонредна состојба. И еврокомесарот за проширување во телефонскиот разговор со лидерите на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ зборувал за изборите.

„Вечерва ја потенцирав важноста на слободни, фер, и инклузивни избори во Северна Македонија кои ќе ги земат предвид ситуацијата со ковид-19, како и потребата од ефикасно економско опоравување“ – напиша Оливер Вархеји на твитер. Опозицијата се уште јасно не дава јасен одговор дали би се согласила со избори на почетокот на јули.

ВМРО-ДПМНЕ има јасни позиции да се заштити здравјето на граѓаните.
ВМРО-ДПМНЕ


„ВМРО-ДПМНЕ има јасни позиции да се заштити здравјето на граѓаните. Нашиот став е кажан за сите прашања, ги повикувам нека кажат од другата страна дали го напуштаат консензусот.“, смета Иванка Василевска, ВМРО-ДПМНЕ.

SEE ALSO: Нова помош од ЕУ за Северна Македонија за справување со коронавирусот


Неофицијално, крајниот рок што СДСМ му го дава на ВМРО-ДПМНЕ е 8 јули. Тоа, според партиски извори, Заев му го пренел на Вархеји. Ако и тоа е неприфатливо за опозицијата, тогаш 5 јули останува како ден кога би се одржале изборите. ДУИ го поздрави вклучувњето на Брисел во напорите за постигнување консензус. За партијата на Ахмети 5 јули е прифатлив датум.

Се уште мислам дека има простор за еден правичен инклузивен процес на 5 јули.
Бујар Османи, вицепремиер


„Се уште се надевам дека комуникацијата помеѓу политичките партии ќе продолжи во идните денови. Се уште мислам дека има простор за еден правичен инклузивен процес на 5 јули.“, коментира Бујар Османи, вицепремиер за интеграции.

За утре е најавено обраќање на шефот на државата. Пендаровски ќе образложи дали ќе има нова, петта вонредна состојба или не, од што пак зависи и датумот на избори, ќе зборува и за ситуацијата со ковид-19 и целокупната политичка сотојба во земјата.