Годишно обраќање на претседателот Пендаровски во Собранието

Your browser doesn’t support HTML5

Опозицијата ја напушти салата кога почна обраќањето на шефот на државата кое го отвори токму со пандемијата која досега зеде повеќе од 2100 животи

Справување со пандемијата, приемот во НАТО, евроинтеграцијата и бугарската блокада, трансформирање на земјата во држава во која младите ќе сакаат да останат – ова беа клучните теми во годишното обраќање на претседателот. Во настапот во Собранието, Стево Пендаровски побара сплотување на сите во општеството за решавање на дел од отворените прашања.. Но, се случи токму спротивното – во моментот кога застана на говорницата и побара едноминутно молчење како знак на почит за жртвите од ковид-19, опозицијата со транспаренти излезе пред него...

SEE ALSO: Аналитичари: По бугарското вето, Северна Македонија, мора да изгради стратегија

Опозицијата ја напушти салата кога почна обраќањето на шефот на државата кое го отвори токму со пандемијата која досега зеде повеќе од 2100 животи во земјава.

Затоа, кампањата за вакцинирање, кое секако ќе биде на доброволна основа, ќе мора да се води и преку лични примери. Не смееме да дозволиме, во 21-от век, за вакви сериозни прашања, полуписмени шарлатани и надрилекари да доминираат над најголемите научни имиња и институти кои во изминативе два века, од појавата на првите вакцини, спасија милиони човечки животи.
Стево Пендаровски, претседател на Северна Македонија


„Справувањето со здравствената криза е сериозен предизвик, но, избегнување на долгорочните негативни последици од недовербата на граѓаните во институциите, но и во науката и струката, која се интензивираше во време на пандемијата, е не помал предизвик. Она што сигурно нѐ очекува е нов бран на негативни кампањи кои ќе ги обесхрабруваат луѓето да се вакцинираат преку ширење на теории на заговор на социјалните мрежи. Затоа, кампањата за вакцинирање, кое секако ќе биде на доброволна основа, ќе мора да се води и преку лични примери. Не смееме да дозволиме, во 21-от век, за вакви сериозни прашања, полуписмени шарлатани и надрилекари да доминираат над најголемите научни имиња и институти кои во изминативе два века, од појавата на првите вакцини, спасија милиони човечки животи.“, изјави Стево Пендаровски, претседател на Северна Македонија.

За очекуваниот старт на преговорите со ЕУ – одложен поради бугарското вето, Пендаровски порача дека Северна Македонија, без дилеми, ќе продолжи кон Европската Унија. На тој пат, според шефот на државата, нема да се прифати никаква резервна варијанта, ниту пак обезличување за сметка на зачленување.

Ви зборувам од моето лично искуство: во целокупниот македонски политички врв и во власта и во опозицијата јас не познавам ниту еден кој е подготвен да тргува со најсветите работи за секој Македонец.
Стево Пендаровски, претседател на Северна Македонија


„Длабоко сум убеден дека ниту еден од денешната генерација политичари нема право да се договара или преговара за тие прашања, и денес и во иднина, затоа што нашите црвени линии одамна ги имаат утврдено оние кои ја направија оваа држава во 1944-та година и тоа со државотворните акти на Првото заседание на АСНОМ: Манифестот до македонскиот народ и Документот број 8 за воведување на македонскиот јазик како службен во македонската држава. Во однос на ставовите по ова прашање на најголемите политички партии, имам кажано и порано, денес ќе повторам: тие имаат потполно идентичен став по однос на нашиот идентитет и се разликуваат само во однос на методологијата како до дојдеме до целта. Ви зборувам од моето лично искуство: во целокупниот македонски политички врв и во власта и во опозицијата јас не познавам ниту еден кој е подготвен да тргува со најсветите работи за секој Македонец. Затоа и предлагам, ова прашање да го тргнеме од дневно-политичката агенда и да не ја трошиме енергијата околу тоа.“, изјави Стево Пендаровски, претседател на Северна Македонија.

Реформата на судскиот систем ја нарече егзистенцијално прашање за опстанок на државата зашто од тоа, како што кажа, зависат економскиот развој, демократијата, емиграцијата.

Во второто обраќање како претседател, Пендаровски побара државата да најде начин за задржување на младите и трансформација на Северна Македонија во организирано општество со сигурна иднина.