Мешање во изборите и зголемен напад врз слободното изразување онлајн довело до 14-та последователна година на пад во глобалната слобода на Интернетот, се вели во најновиот извештај на „Фридом хаус“ за онлајн слободата во 2024.
Во најмалку 43 земји, што е рекордно високо ниво, луѓе биле нападнати или убиени како одмазда за нивниот онлајн говор и активизам. Во најмалку 56 земји, Интернет корисници биле уапсени поради нивното политичко, социјално или верско изразување.
Според извештајот, заштитата на човековите права онлајн била намалена во 27 од 72 земји опфатени со истражувањето.
Киргистан има најголемо назадување, откако тамошниот претседател „ ги интензивираше своите напори да ги замолчи дигиталните медиуми и да го потисне онлајн организирањето“, додека Кина е регистрирана во извештајот како најлоша средина во светот за слобода на Интернет, заедно со Мјанмар, каде што воениот режим наметна нов систем за цензура што ги зголеми ограничувањата на виртуелните приватни мрежи.
Според извештајот, додека некои мерки не успеале да придонесат за заштита на слободното изразување и пристап до разновидни информации, најмногу ветувачки модели дошле од Јужна Африка, Тајван и Европската Унија.
„На другиот крајот на спектарот, Исланд го задржа статусот на најслободна онлајн средина, а Замбија обезбеди најголемо подобрување на резултатот“, нотира извештајот.
За првпат во 2024 година, „Фридом хаус“ ги разгледал условите во Чиле и во Холандија. И двете држави покажале силни заштитни мерки за човековите права на Интернет.
Во три четвртини од земјите опфатени со истражувањето, корисниците на Интернет понекогаш се соочувале со „апсење поради ненасилно изразување што доведе до драконски затворски казни над 10 години. Луѓето биле физички нападнати или убиени во одмазда за нивните онлајн активности во рекордно високо ниво од најмалку 43 земји“.
Слободното изразување на Интернетот било загрозено поради тешки затворски казни и ескалација на насилство, стои во извештајот. Исклучувањето на Интернет и одмаздата за онлајн говорот создале уште поопасни средини за луѓето погодени од неколку големи вооружени конфликти низ светот.
„Цензурата и манипулацијата со содржината беа комбинирани за да ги поколебаат изборите, поткопувајќи ја способноста на гласачите да донесуваат информирани одлуки, целосно да учествуваат во изборниот процес и нивниот глас да биде слушнат“, забележува извештајот.
Гласачите во најмалку 25 од 41 земја кои одржале или се подготвувале за национални избори за време на периодот на истражувањето, се борат со цензуриран информациски простор.
„Во многу земји, техничка цензура беше искористена за да се ограничи способноста на опозицијата да допре до гласачите, да го намали пристапот до веродостојно известување или да ја задуши загриженоста за нерегуларности во гласањето“.
Во најмалку 21 од 41 земја, провладини коментатори манипулирале со онлајн информации, често предизвикувајќи сомнеж за интегритетот на претстојните резултати и долгорочна недоверба во демократските институции.
Дополнително, мешањето од владите и намалувањето на механизмите за транспарентност на главните платформи за социјални медиуми, ги отежнале напорите на независните истражувачи и медиумски групи да фрлат светлина врз операциите за влијание поврзани со изборите.
Изградбата на доверлива онлајн средина бара обновена и одржлива посветеност кон слобода на Интернет, нотира извештајот.
Оваа година, индикаторите кои ги проценуваат ограничувањата на содржината онлајн паднале на најниско ниво во повеќе од една деценија, со исклучок на двете земји првпат опфатени со овој извештај - индикација дека онлајн цензурата и манипулацијата стануваат сè поекстремни.
Недостатокот на пристап до висококвалитетен, сигурен и разновиден информациски простор, ја попречил способноста на луѓето да формираат и изразуваат нивни ставови, продуктивно да се ангажираат во нивните заедници и да бараат отчет од владите.
„Политичките интервенции дизајнирани да го заштитат интегритетот на информациите можат да помогнат да се изгради доверба во онлајн-средината, под услов тие да се вкоренети во слободното изразување и другите основни права“.
Одговорите што нема да ги вклучат тие принципи само ќе го забрзаат глобалниот пад на слободата на Интернет и демократијата пошироко, заклучува извештајот.
„Луѓето се борат да пристапат до веродостојни информации на Интернет и со ширење на лажни или погрешните содржини предизвикуваат сомнеж во изборните резултати и создаваат долгорочни резултати на недоверба во демократските институции“, рече Никол Бибинс Седака, привремена претседателка на „Фридом хаус“.
„Насилните напади и заплашувањата за замолчување на говорот на Интернет се` повеќе се зголемија во текот на изминатата година, кога многумина ширум светот се подготвуваа да се упатат кон анкети. Создавањето безбеден и доверлив простор за изразување на Интернет е од суштинско значење, не само за поддршка на слободата на Интернетот, но и за заштита и зајакнување на демократијата“.