Впечатокот дека владата на Северна Македонија се повеќе се усогласува со политиките на новата администрација на Доналд Трамп дополнително се зацврсти по втората посета на премиерот Христијан Мицкоски на Вашингтон за помалку од еден месец и средбите што тој таму ги имаше за време на годишната Конференција на конзервативната политичка акција.
Премиерот денеска повтори дека политиката што сега ја промовира Вашингтон е, како што ја нарече, „новото нормално“ за која тој очекува да добие масовна поддршка низ светот, слично како што неговата влада ја поддржи.
Сепак, Мицкоски не даде јасен одговор дали ваквата негова поддршка и суперлативите за Доналд Трамп ќе се ефектуираат низ американска поддршка за разликите со Бугарија.
„Јас имам чувство, а и по тоа што го видов и слушнав во прво лице е дека полека, но сигурно, од Вашингтон насекаде во светот ќе се шири и ќе завладее новото нормално. Ние сме меѓу првите кои го поддржавме тоа ново нормално и ценам дека тоа ќе биде масовно во наредниот период и ќе добие голема поддршка во светот. Ценам дека со контактите кои ги имаме со најблискиот периметар на претседателот Трамп можеме само да добиеме, а не и да изгубиме. Билатералниот спор со нашиот источен сосед е спор кој нема никаква врска со 21 век и ценам дека треба час поскоро треба и формално да ги почнеме преговорите со ЕУ кои се дел од овој билатерален спор. За сите останати атрибути од овој билатерален спор, тука и не треба премногу да се коментира зашто се знае мојот став за идентитеските прашања.“, изјави премиерот Христијан Мицкоски.
Аргумент повеќе дека Скопје е на јасна линија со оваа администрација во Вашингтон е и фактот дека Северна Македонија, заедно со Израел, Грузија и Унгарија, е ко-спонзор на нацрт-резолуцијата за Украина што ја предложија САД во која не се споменува руската инвазија. Зошто официјално Скопје застана зад овој предлог, а не зад оној на европските сојузници кој содржи остри формулации против Москва?
„Па, така одлучивме, дека ќе бидеме коспонзори на резолуцијата што ја поднесоа САД. Очекувам мнозинството во ОН да ја поддржи.“, изјави премиерот Христијан Мицкоски.
Во екот на дипломатските игри дали и какво мировно решение ќе има за Украина, дали претставници на Киев ќе бидат присутните на идните преговори, што ќе преземе ЕУ која Вашингтон и Москва ја прескокнаа во директните разговори, се одбележуваат три години од почетокот на руската инвазија. Затоа, врвот на Унијата денеска беше во Киев - прати пораки на целосна поддршка на Украина, но и нов сет санкции за Русија.
„Војната во Украина останува најцентралната криза за Европа и нејзината иднина. Путин се обидува, посилно од кога и да е, да ја добие војната. Неговата цел останува – капитулација на Украина и знаеме што може наредно да се случи, затоа што тоа веќе се случило. Не е загрозена само украинската, туку е загрозена и европската судбина. Затоа денеска го усвојуваме 16 пакет санкции, ќе ги зголемиме казнените санкции кон Русија се додека не покаже вистинска подготвеност за одржливо мировно решение. Остануваме покрај Украина колку и да треба.“, оцени Урсула Фон Дер Лајен, претседателка на Европската комисија.
Во пресрет на три-годишнината од стартот на агресија, Здруженијата на Украинци во земјава во Скопје одржаа марш на кој порачаа да нема разочарување и да не се губи надеж за најдоброто за Украина.