Вашингтон се подготвува за многу работи оваа недела, вклучително и уште неколку дена ниски температури и толпи луѓе и полиција за претседателската инаугурација, како и слични протести низ градот следната недела.
Официјалните лица оваа недела рекоа дека очекуваат околу 250.000 лица со билети да дојдат во главниот град на САД, каде Доналд Трамп повторно ќе положи заклетва како претседател.
Претходно ја извршуваше претседателската функција од 2017 до 2021 година. Се очекуваат помалку посетители за церемонијата в понеделник отколку што беа присутни на првата инаугурација на Трамп, изјавија локалните и федералните власти на прес-конференција.
Во 2017 година, тие се подготвија за повеќе од еден милион луѓе. Температурите се очекуваат да бидат особено ниски во Вашингтон в понеделник. Температурата напладне, кога Трамп ќе положи заклетва, се предвидува да биде 20 степени според Фаренхајтовата скала, што е околу 20 степени под нормалата.
Засилена безбедност
И покрај тоа што овојпат се очекува помал одѕив, неодамнешните акти на насилство - како новогодишниот напад во Њу Орлеанс – придонесоа да има засилено безбедносно присуство, велат официјалните лица.
На денот на инаугурацијата, 25.000 полициски и воен персонал ќе биде во округот Колумбија за да осигураат безбедност, вклучително и целосно активирање на полицијата на главниот град, 7.800 војници од Националната гарда и околу 4.000 офицери од целата земја, според Вилијам Меккул, специјален агент на Тајната служба во Вашингтон.
Пред инаугурацијата, Вашингтон ќе биде дом и на многу прослави и протести. Собирот за победата на Трамп е планиран за недела попладне во арената „Капитал Уан“, каде што ќе настапи американскиот бенд „Вилиџ Пипл“. Арената има 20.000 седишта, изјави Monumental Sports & Entertainment, компанија која управува со арената, за медиуми.
Компанијата во изјава за „Њуз4“ рече дека арената со децении и се нуди на секоја администрација „без разлика на партијата“.
„Среќни сме што претседателот Трамп ја прифати нашата понуда и ќе му посакаме добредојде на него и неговите гости во арената Капитал Уан на 19 јануари“, се вели во соопштението.
Иако ќе има три официјални инаугуративни балови, повеќе од десетина неофицијални инаугуративни балови се закажани во текот на викендов во Вашингтон.
Сепак, закажани се и протести. В сабота, демонстрации се очекуваат да привлечат десетици илјади луѓе во центарот на Вашингтон.
Демонстрациите се организирани од различни групи за граѓански права, расна правда и репродуктивно здравје.
„Додека Трамп ја презема претседателската функција во јануари, ние се собираме да ја мобилизираме нашата колективна моќ и да се спротивставиме на неговите напори да ги поништи нашите права и слободи“, рече во изјавата Аналилија Меџиа, коизвршен директор на Центарот за народна демократија.
Официјални лица од Вашингтон рекоа дека се навикнати да управуваат со толпи и протести.
„Овде во градот, ние постојано дозволуваме мирни протести“, рече началникот на полицијата на главниот град Памела Смит на прес-конференција оваа недела.
„Но, кога станува збор за кршење на законот, ние едноставно нема да го толерираме тоа“.
В понеделник навечер, по инаугурацијата, се очекуваат трите официјални инаугуративни балови.
Но, прославите на инаугурацијата нема да бидат ограничени само на Вашингтон.
На пример, во Флорида, каде што Трамп живее во неговото одморалиште Мар-а-Лаго, ќе има инаугуративна забава в понеделникот навечер, на околу 60 милји северозападно од Орландо.
Прославата е веќе распродадена, според Eventbrite што ја рекламира забавата.