Вашингтон - Американскиот Конгрес го потврди изборот на новоизбраниот претседател Доналд Трамп и неговата победа во ноември на изборите.
Откако беа потврдени резултатите од Изборниот колеџ за 50 сојузни држави и округот Вашингтон, Конгресот ги потврди изборните резултати со акламација - победа на Доналд Трамп и новоизбраниот потпретседател Џeј Ди Венс.
„Претседавачот ја прогласува седницата за затворена“, објави претседавачот на седницата, американската потпретседателка Камала Харис - која беше поразен во изборната трка од новоизбраниот претседател Трамп.
Во изборната трка, Трамп освои 312 електорски гласови, додека Харис постигна резултат од 226.
Резултатите беа потврдени од двата дома на Конгресот - Сенатот и Претставничкиот дом - со потврдување на гласовите на Изборниот колеџ и победата на републиканскиот кандидат Доналд Трамп.
https://truthsocial.com/@realDonaldTrump/113781668884628397
„Конгресот ја потврди нашата голема изборна победа - голем историски момент. Да ја направиме Америка, најдобра, повторно, МАГА! - напиша Трамп на социјалната мрежа „Вистина“.
Тоа е и последен чин од изборниот процес - пред претседателската инаугурација на 20 јануари, како што налага Уставот на САД.
Со седницата претседаваше потпретседателката на САД Камала Харис.
Конгресната потврда на резултатите доаѓа точно на четвртата годишнина од насилниот упад на Капитол, седиштето на законодавната гранка на САД во Вашингтон, кога некои од поддржувачите на Трамп протестираа против неоснованите тврдења за неправилности кои, според нив, доведоа до негов пораз во 2020 година од Џо Бајден.
Обвинувањата за неправилности беа отфрлени од судовите ширум земјата.
Во пресрет на седницата на Конгресот, потпретседателката Харис го опиша потврдувањето на изборните резултати како света обврска, што таа ќе ја исполни. „Водени од љубовта кон земјата, Уставот и непоколебливата волја на американскиот народ“, рече Харис во видео пораката објавена од NBC News.
Говорејќи во неделата во Белата куќа, Бајден го нарече она што се случи на 6 јануари 2021 година „еден од најтешките денови во американската историја“.
„Мораме да се вратиме на основниот, нормален трансфер на власта“, рече Бајден.
Тој додаде дека однесувањето на Трамп пред четири години, кое вклучуваше повторени лажни тврдења дека победил на изборите, било „вистинска закана за демократијата“.
„Се надевам дека го надминавме тоа“, рече Бајден.
Повеќе од 1.500 луѓе се обвинети во врска со упадот во Капитол. Трамп вети дека брзо ќе издаде помилување откако ќе ја преземе функцијата на 20 јануари.
Насилниот настан пред четири години резултираше и со смрт на шест лица, додека стотици беа повредени во немирите. Материјалната штета во и внатре во зградата на американскиот Капитол се проценува на 2,8 милиони долари.