Украина и Русија разменуваат заробеници додека Киев го одбележува Денот на независноста

Your browser doesn’t support HTML5

Украина и Русија ја имаа својата прва размена на заробеници од почетокот на украинската операција во регионот Курск. Размената се случи симболично на истиот ден кога Украина го одбележа својот 33-ти Ден на независноста. Ана Черникова известува од Киев.

Гласот на Америка присуствуваше на 55-та размена на воени заробеници меѓу Украина и Русија, што се случи симболично на прославата на 33-тиот Ден на независноста на Украина.

Ова е прва размена на затвореници меѓу двете земји откако Украина ја започна својата операција во регионот Курск.

Сто и петнаесет украински заробеници се вратија дома.

Според Украинскиот координативен штаб за третман на воени заробеници, сите војници се регрути, вклучително и оние кои беа заробени во првите месеци од целосната инвазија на Русија во февруари 2022 година.

„Денеска успеавме да вратиме дома 115 наши херои. Вкупниот број на наши ослободени граѓани досега не е 3.405, туку 3.520 херои и хероини", вели Бохдан Охрименко од Координативниот штаб за третман на заробеници.

Украинските војници изгледаат исцрпени, но среќни што се дома. Многумина од нив, како Јевхен, кој не сакаше да го каже целото име од безбедносни причини, поминаа две и пол години во руско заробеништво.

„Две и пол години. Тоа е многу тешко. Но, добро е. Издржавме. Нашите момци се уште се таму. Чекаат да се вратат дома”, рече разменетиот заробеник, Јевхен.

„Поминавме толку многу време во заробеништво, што мислам дека не за џабе. Поголемиот дел од момците кои беа разменети ќе ја продолжат својата служба. Ќе продолжиме да ја браниме нашата татковина. Најважно е да се држиме, а не да попуштаме“, додаде тој.

„Многу е тешко да се биде во заробеништво таму, илјадници километри од дома. Навистина е многу тешко", вели разменетиот заробеник Артем.

Претседателот Володимир Зеленски вели дека една од главните цели на украинската операција во регионот Курск е да се зголеми „разменскиот фонд“ и да се вратат украинските затвореници.

„Општо земено, оваа операција стана наша најголема инвестиција во процесот на ослободување на украинските мажи и жени од руско заробеништво. Заробивме голем број руски затвореници во една операција и ова е значителен резултат, тоа е една од нашите цели”, изјави украинскиот претседател, Володимир Зеленски.

Оваа размена се случи три недели по изненадувачкиот упад на Украина во Русија. Според украинските власти, украинските сили веќе заробиле илјадници руски војници. Многу од нив се регрути.

Руското социјално движење за пребарување и враќање на руски воен персонал од заробеништво извести дека 115 руски регрути биле вратени во Москва како дел од размената.

Иако нема официјална потврда дека овие руски регрути биле заробени во регионот Курск - многумина во Украина веруваат дека операцијата во Курск ќе ги подобри шансите украинските заробеници да се вратат дома.