Уапсен еден од лидерите на грузиската опозиција по четврта ноќ протести

Полицијата пука со солзавец за време на протестот против одлуката на новата влада да ги прекине преговорите за пристап во ЕУ и да одбие буџетски грантови до 2028 година, во Тбилиси, 2 декември 2024 година

Грузиската полиција уапси истакнат опозициски лидер рано денес, окако употреби водени топови и солзавец за да ги растера антивладините демонстранти кои се собраа пред Парламентот четврта ноќ по ред.

Протестите беа поттикнати од минатонеделната најава на Владата дека ги прекинува разговорите за пристапување во Европската Унија.

Критичарите тоа го видоа како потврда за оддалечувањето од прозападните политики под влијание на Русија, нешто што владејачката партија го негира.

Коалицијата за промени, најголемата опозициска партија во земјата, во објава на Икс рече дека Зураб Јапаридзе, еден од нејзините лидери, бил уапсен од полицијата додека ги напуштал демонстрациите.

На снимката се гледа како тој е сместен во неозначено возило од маскирани полицајци. Не беше јасно дали тој ќе биде обвинет.

САД и ЕУ изразија загриженост за, како што гледаат, демократско назадување од страна на Грузија, земја со 3,7 милиони жители која се наоѓа на пресекот на Европа и Азија и некогаш била дел од Советскиот Сојуз.

Русија негира дека се меша кај својот сосед, но поранешниот претседател Дмитриј Медведев во неделата предупреди дека Грузија „брзо се движи по украинскиот пат, во мрачната бездна“, додавајќи: „Обично вакви работи завршуваат многу лошо“.

Во неделата вечерта, демонстрантите повторно се собраа во Тбилиси. Некои фрлаа огномети кон полицијата, која одговори со водени топови и солзавец.

„Тука сум од многу едноставна причина, да ја бранам мојата европска иднина и демократијата на мојата земја“, рече еден од демонстрантите.

Полицијата на крајот ги оддалечи демонстрантите од зградата на Парламентот.