Еднакви плати меѓу мажите и жените, право на легален абортус во секоја општина, запирање на фемицидот и заштита на жртвите од семејно насилство. Тоа беа дел од осум главни барања што во форма на црвени линии што беа испратени на денешниот протестен марш низ Скопје, а по повод 8ми Март, Меѓународниот ден на жената.
Маршот почна од плоштадот Скендербег, по што продолжи кон Владата и заврши во паркот „Жена борец“, пред македонското собрание.
Your browser doesn’t support HTML5
Организатор е Платформата за родова еднаквост, во која се обединети триесетина невладини организации од повеќе градови од државата.
Ниту една жена не смее да остане без работа поради бременост. Породилното отсуство да биде задолжително за двајцата родители
„Ниту една жена не смее да остане без работа поради бременост. Породилното отсуство да биде задолжително за двајцата родители. Секоја жена да има право на легален медицински абортус. Моето тело е мој избор. Тоа да биде единствено одлука на жената“, стои во дел од пораките што беа прочитани на протестот.
Главното мото на протестниот марш годинава беше „Црвена линија: Правата на жените не се за преговарање!“. Но, можеа да се видат и пароли како „За нула девојки омажени под притисок“, „Жени, живот, слобода“, „Женските права се и човекови права“.
Меѓу учесниците имаше претставнички и од повеќе ромски организации и здруженија.
„Жената Ромка денес во македонското општество се соочува со повеќеслојна дискриминација. Првично, тоа е дискриминација од општеството, но и сегрегација, патријархална средина, но и семејно насилство“, ни изјави Инес Џемаил од здружението „Лулуди“.
Таа додаде дека Ромките, за да успеат во македонското општество, мораат да вложат многу повеќе труд за да им биде прифатен успехот како во работните организации, така и во јавните институции.
Годинава на 8-мартовскиот протест се маршираше и за слобода и заштита на жените во Газа. Беа извикувани пароли и за слобода на Палестина.