Отворените судници, транспарентните судски постапки се добри за судството и со тоа се добива на кредибилитет, вели во интервју за Гласот на Америка, уредничката на „Бостон глоуб“, Рашел Коен, која е ко-авторка на првиот прирачник за судска транспарентност меѓу македонски судии и новинари.
„Кога судниците се отворени за јавноста, а луѓето можат да видат што се случува во судниците, дали сами или преку медиумите, тогаш тоа го крева кредибилитетот на судиите кои се одговорни за одреден судски случај“, вели Коен.
Кога работите се поотворени, толку е поголем кредибилитет на судот. Тоа е една од алтките за борба против корупцијата.Рашел Коен, уредничка на „Бостон глоуб“
Таа говори за тоа до каде американските новинари имаат пристап во судските сали, во кои судови е дозволено снимање со камера, особено по формирање на Судско - медиумскиот комитет пред околу 30 години во Бостон, Масачустес. Во овој дел, Коен вели дека другите сојузни држави на САД, а и Федералниот систем може да се подобрат.
„Други сојузни држави, и секако, Федералниот сиситем, би можеле да се подобрат. Што поотворени се работите, толку поголем кредибилитет има судот. Тоа е една алтка за борба против корупцијата. И тоа е важна алатка“, вели Коен.
Таа изминатата недела се сретна со судии и новинари од Северна Македонија кои беа во еднонеделна посета во Бостон, САД, за одблиску да ги видат релациите меѓу обвинителите, судиите и новинарите кои го следат правосудниот сектор.
Your browser doesn’t support HTML5
Македонскиот тим, кој го сочинуваат членови на Судско – медиумски совет, од Судско – медиумскиот комитет во Бостон добиле идеја да бараат нови начини за зголемување на транспарентноста во судството. Забележале дека американските новинари многу лесно доаѓаат до списите на одредени судски процеси, и тоа преку интернет.
Новинарите во САД можат да следат судски рочишта во живо, да побараат и погледнат видео – архива од одредено судење, процес кој им ја олеснува работата во и онака сложниот правосуден сектор за известување и добилижување на граѓаните до судската пракса.
Судско – медиумскиот совет ќе бара новинарите да добиваат списи од судењата, по примерот во сојузната држава Масачустес, САД.
Северна Македонија сакала или не, мора да ги следи тие трендови.Васко Маглешов, новинар
„Овде во Бостон, САД, возможно е преку најавување до судскиот портал да симнете документи, односно обвиненија, судски наредби, сè што во моментот ќе влезе во судот, практично во тој момент па натаму станува јавно. Тоа го овозможува технологијата, Северна Македонија сакала или не, мора да ги следи тие трендови. Тоа е корисно за нас, се надевам дека тоа ќе имаме можност да го предложиме и да го примениме со оглед на тоа што на тој начин новинарите од прва рака ќе добиваат многу повеќе информации“, вели новинарот Васко Маглешов, кој е претседател на Судско – медиумското совет.
Судијката од скопскиот Граѓански суд, Емилија Шопар Јовановска која исто така е дел од советот, вели дека ќе дадат обиди примерите што ги видоа во САД да ги имплементираат во Северна Македонија, но вели треба да се има предвид во разликите меѓу американскиот и македонскиот систем, како во делот на правосудството, така и во делот на технолошкиот развој. Шопар вели дека соработката меѓу судиите и новинарите е клучна.
Судиите и новинарите треба да си ја ценат улогата на оној другиот.Емилија Шопар Јовановска, судијка
„Судиите и новинарите не само што не се непријатели, туку ние зависиме едни од други. Судиите и новинарите треба да си ја ценат улогата на оној другиот, за да може правдата да биде задоволена, транспарентноста да биде на повисоко ниво, а од друга страна, новинарите кои го покриваат правосудниот систем да даваат точни и прецизни информации, со цел довербата во судството и правосудството да биде на едно повисоко и професионално ниво“, вели Шопар Јовановска, член на Судско – медиумско тело.
Судско – медиумскиот совет во Северна Македонија е формиран во 2018 година и е трето тело во светот од ваков карактер, а е формиран по примерите во САД, каде со децении постојат вакви тела во сојузните држави Масачустес и Конектикат.
Неодамна по формирањето на Судско – медиумскиот совет во Северна Македонија се испорачаа првите резултати. Снимањето на дел од судските рочишта, како што се воведните, завршните зборови и објавувањето на пресуда, стана редовна пракса, што претходно тоа не беше случај, туку за тоа да се случи, судиите лично носеа одлуки, а ретко кои од нив и ден – денес дозволуваат да биде сниман и јавно објавен судечкиот совет кој носи одлука за одреден предмет. Сепак, оваа пракса важи само во основните, но не и во повисоките судови, каде се дозволуваат само неколку видео-снимки од рочиште.
Стејт департментот во последниот извештај за Северна Македонија покрај корупција и бавна правда, нотира и за ниската судска транспарентност. Американската влада го забележа правното мислење на Врховниот суд од декември минатата година кое се однесува до пониските судови - да објавуваат и неправосилни, а не само правосилни судски пресуди, особено во случаите од јавен интерес.
Во последниот извештај на Европската унија за напредокот на Северна Македонија наведено е дека треба да се работи на „определбата за целосно почитување на начелото на независност на правосудството, а зголемувањето на транспарентноста треба да продолжи“. ЕУ нотира и „да се осигури дека правосудството е заштитено од каков било ризик или перцепција на несоодветно мешање од надвор“.