Трамп рече дека би сведочел во судењето за доверливи документи

Овој потег ќе го изложи на вкрстено испрашување од обвинители кои ќе се обидат да извлечат штетни информации од него додека е под заклетва

Поранешниот американски претседател Доналд Трамп денес во радиоинтервју изјави дека би бил подготвен да сведочи во своја одбрана на судењето за неговото наводно неправилно постапување со доверливи документи во неговото одморалиште во Флорида.

„Со нетрпение очекувам да сведочам“, рече Трамп.

Трамп, фаворит за републиканската претседателска номинација во 2024 година, треба да се соочи со судење почнувајќи од мај поради неговото задржување на чувствителни документи за национална безбедност во неговото одморалиште Мар-а-Лаго откако ја напушти функцијата и наводните напори да ја попречи истрагата на владата .

Тој се изјасни за невин по сите обвиненија и ги обвини обвинителите дека го таргетирале за политички цели.

Случајот со документи е еден од четирите кривични случаи против Трамп за кои би можело да има судење следната година.

Би било ризик Трамп да сведочи на судењето од правен аспект.

Овој потег ќе го изложи на вкрстено испрашување од обвинители кои ќе се обидат да извлечат штетни информации од него додека е под заклетва.

Трамп има историја на покажување подготвеност да сведочи во истрагите, за подоцна да се предомисли.

Тој во 2018 година рече дека ќе разговара под заклетва со поранешниот американски специјален советник Роберт Мулер, кој ја истражуваше потенцијалната координација помеѓу неговата претседателска кампања во 2016 година и руската влада.

Трамп на крајот не разговараше со обвинителите и не беше обвинет во истрагата.