Линкови за пристапност

Помошникот на Трамп, Волт Наута се изјасни за невин во случајот со доверливи документи


Помошникот на Доналд Трамп, Волт Наута, во четвртокот пред федералниот суд во Мајами се изјасни за невин по обвиненијата дека му помогнал на поранешниот претседател на САД да ги скрие строго доверлиците документи што Трамп ги зел кога ја напуштил Белата куќа во 2021 година.

Адвокатот Стенли Вудворд се изјасни во име на Наута на судскиот процес кој траеше неколку минути. Присутен беше и адвокатот на Наута од Флорида, Саша Дадан. Наута и адвокатите потоа влегоа во конференциска сала без да разговараат со новинарите.

Наута им се насмевна на новинарите, но ништо не рече при неговото пристигнување во судот пред сослушувањето.

Наута го имаше своето првично појавување заедно со Трамп на 13 јуни, но не беше изведен пред суд поради недостаток на адвокат со дозвола за работа во Флорида. Неговото судење беше одложено вторпат кон крајот на јуни поради истата причина.

Трамп, фаворит за претседателска номинација на републиканците во 2024 година, се изјасни за невин по 37 кривични дела за наводно задржување документи за национална безбедност без овластување и попречување на правдата.

Наута, поранешен бодигард во Белата куќа, а сега помошник на Трамп, се соочува со шест точки од обвинението за заговор за попречување на правдата, лажни изјави и задржување и прикривање документи.

Обвинителите тврдат дека Наута криел кутии со документи од адвокатите на Трамп кои барале доверливи материјали што ги бара американското Министерство за правда. Тој, исто така, е обвинет дека ги лажел инстражителите за време на доброволно интервју.

Обвинителите побараа од американската окружна судијка Ајлин Канон да го одложи судењето до 11 декември. Таа го одреди првичниот датум на судење на 14 август.

Трамп е првиот американски претседател во минатото или сегашноста кој се соочува со кривични пријави и пред федералните и државните судови.

Специјалниот советник Џек Смит, задолжен за обвинителството, го обвинува Трамп дека ги ризикувал националните тајни со тоа што земал илјадници чувствителни хартии со себе кога ја напуштил Белата куќа во јануари 2021 година и ги чувал на случаен начин на неговиот имот во Мар-а-Лаго во Флорида и неговиот голф клуб во Њу Џерси.

Покрај случајот со документи, Трамп е обвинет во Њујорк за наводно фалсификување деловни досиеја за да ги прикрие плаќањата на порно ѕвезда за време на неговата претседателска кампања во 2016 година. Тој се изјасни за невин и во тој случај.

Трамп негира дека сторил нешто лошо и вели дека истрагите се дел од политички заговор против него.

Кенон закажа сослушување на 14 јули за тоа како ќе се постапува со доверливите информации во случајот. Правните експерти рекоа дека сложеноста околу употребата на високо доверливи документи како доказ веројатно ќе го одложи судењето на Трамп.

Извор: Ројтерс

XS
SM
MD
LG