Трамп ќе се обрати од Мар-а-Лаго штом ќе се врати од Њујорк

Адвокатите на Трамп ветија енергична одбрана, а неговата кампања смета дека обвинението довело до поголема поддршка од неговите приврзаници

Поранешниот претседател Доналд Трамп ќе се обрати утре вечер во Флорида по неговото закажано судење во Њујорк за обвиненија поврзани со исплата на пари, објави неговата кампања.

Трамп ќе зборува во неговиот клуб Мар-а-Лаго откако ќе се врати од Менхетн, каде се соочува со повеќе обвиненија за фалсификување деловни досиеја, вклучително и најмалку едно кривично дело, во обвинението поднесено од големата порота на Менхетн минатата недела, изјавија за Асошиетед прес две лица запознаени со ова прашање.

Тие зборуваа под услов да останат анонимни за да разговараат за информациите кои се` уште не се јавни.

Трамп негираше дека сторил нешто лошо и ја критикуваше истрагата како дел од долгогодишниот „лов на вештерки“ чија цел е да ја оштети неговата кандидатура.

Адвокатите на Трамп ветија енергична одбрана, а неговата кампања смета дека обвинението довело до поголема поддршка од неговите приврзаници.

Од кампањата изјавија дека собрале повеќе од 5 милиони долари, како и дека „Американците од сите средини се уморни од злоупотреба на правосудниот систем против претседателот Трамп и неговите поддржувачи“.

Трамп беше обвинет во четвртокот од страна на големата порота за исплата на пари на порноактерка за време на претседателската кампања во 2016 година, која тврди дека Трамп имал сексуална средба со неа години претходно.

Извор: АП