Тензии меѓу Турција и Израел, откако нивни сили се распоредија во Сирија

Your browser doesn’t support HTML5

Соборувањето на Башар ал-Асад доведе до тензии меѓу Турција и Израел во Сирија, каде што двете земји распоредија сили. Односите меѓу Турција и еврејската држава веќе беа затегнати поради војната во Газа и сега аналитичарите предупредуваат на нова ескалација. Доријан Џонс известува од Истанбул.

Турската и израелската војска се распоредени во Сирија по падот на Башар ал-Асад. Тензиите веќе беа високи околу војната меѓу Израел и Хамас и аналитичарите предупредуваат дека ризикот од нова регионална конфронтација расте.

„Во суштина, Турција е сосед на Израел од север, што не е нешто што го имавме порано. И Израел се плаши дека Сирија повторно ќе се користи за трансфер на оружје од Иран во Сирија, и затоа ќе треба да дејствува во иднина во Сирија, и ситуацијата на турските сили во јужна Сирија ќе создаде проблем за Израел и ризик за конфронтација“, вели Галија Линденстрос, Институт за студии за национална безбедност.

Извештајот на израелската влада предупредува на тој ризик. Јавната поддршка на израелскиот министер за надворешни работи на сириските Курди, кои Анкара ги означи како терористи, дополнително ги разгоре тензиите.

И израелските и турските лидери тврдат дека имаат блиски врски со новоизбраниот претседател на САД Доналд Трамп, а аналитичарите велат дека тоа би претставувало тежок избор за Трамп.

„Избраните за кабинетот на Трамп укажуваат на многу произраелска насока и поддршка за Нетанјаху. И, се разбира лошата состојба на турските односи со Израел ќе биде проблем, особено во американскиот Конгрес. Но, мислам дека надвор од изборот на Кабинетот на Трамп и бирократските избори, оваа група, внатрешното јадро, верува дека Турција е клучна за овој регион“, вели Асли Ејдинтасбас од Институцијата „Брукингс“.

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган сака улога во посредувањето за прекин на огнот во Газа. Со оглед на тоа што новоизбраниот претседател Доналд Трамп силно се залага за ослободување на израелските заложници пред почетокот на неговиот нов мандат овој месец и напредокот во завршувањето на војната, се отвора можност за Ердоган да ги зајакне своите врски со американскиот лидер што се враќа.

„Да се претпостави дека Израел го освои најголемиот дел од она што го сакаше (во Газа), Ердоган навистина нема многу причина да биде против Израел, што би ја отстранило најважната пречка за подобри турско-американски односи“, смета Атила Јесилада од „ГлобалСорс Партнерс“.

Дополнителен механизам за намалување на тензиите ќе биде нормализацијата на односите меѓу Израел и Саудиска Арабија, напор што многумина очекуваат дека Трамп ќе го продолжи.

„Ако Трамп успее да го постигне договорот за нормализација меѓу Саудиска Арабија и Израел, тоа исто така ќе има многу позитивен ефект врз израелско-турските односи. Затоа што договорот за нормализација со Израел и Саудиска Арабија ќе има палестинска компонента, а тоа ќе релаксира дел од тензиите меѓу Израел и Турција за палестинското прашање“, додава Линденстрос.

Пред војната во Газа, односите меѓу Турција и Израел почнаа да омекнуваат, но засега, војските на двете регионални сили се соочуваат во Сирија со закана од натамошна ескалација на тензиите.