СЗО предупредува на ризик од смрт кај милиони луѓе кои не ја добиле неопходната хуманитарна помош

Палестинци чекаат редат за да добијат храна во време на израелската воздушна и копнена офанзива на Појасот Газа, во Рафах, 9 јануари 2024 година.

Доставата на хуманитарна помош има несовладливи предизвици, забележува СЗО

Светската здравствена организација предупредува дека милиони луѓе опфатени во здравствени итни случаи предизвикани од конфликти ризикуваат да умрат од трауматски рани и заразни болести бидејќи хуманитарната помош која може да им ги спаси животите не пристигнува до оние на кои им е потребна.

Во една од неговите најсилни изјави до сега, генералниот директор на СЗО, Тедрос Аданом Гебрејесус, ја обвини израелската влада дека ја блокира основната помош за Газа.

На вчерашен брифинг со новинарите, Тедрос рече дека хуманитарната мисија во северниот дел на Газа планирана за тој ден, шеста по ред од 26 декември, морала да биде откажана бидејќи „нашите барања беа одбиени и не беа обезбедени гаранции за безбедно поминување“.

„Доставувањето хуманитарна помош во Газа продолжува да се соочува со речиси непремостливи предизвици. Интензивното бомбардирање, ограничувањата на движењето, недостигот на гориво и прекинатите комуникации го оневозможуваат СЗО и нашите партнери да стигнат до оние на кои им е потребна“, рече тој. „Го повикуваме Израел да ги одобри барањата на СЗО и другите партнери за испорака на хуманитарна помош. Здравствената заштита мора секогаш да биде заштитена и почитувана; не може да се нападне, ниту да се милитаризира“.

Претставници на СЗО велат дека Газа е под, како што ја нарекуваат совршена бура за ширење болести. Почнувајќи од 1 јануари, има документирано речиси 200 000 респираторни инфекции и десетици илјади случаи на шуга, вошки, осип на кожата и жолтица.

Агенцијата вели дека 2 140 случаи на дијареа кај деца под пет години во Газа биле пријавени во 2021-2022 година; до ноември 2023 година, тој број се зголеми за 20 пати на 42 655 случаи.

„Ова е потценување“, рече претставникот на СЗО, Рик Пиперкорн, за окупираната палестинска територија. „Ни недостасува пристап до здравствени установи. Ситуацијата најверојатно ќе биде полоша.

„Ако ситуацијата не се подобри, можеме да очекуваме повеќе епидемии и смртни случаи“, предупреди тој.

Министерството за здравство на Газа, управувано од Хамас, соопшти дека најмалку 23 357 Палестинци се убиени, а 59 410 се повредени откако терористите на Хамас го нападнаа Израел на 7 октомври, убивајќи 1 200 луѓе и зедоа околу 220 заложници.

СЗО вели дека е невозможно да се пристапи до населението во Газа без ефикасен систем за деконфликтирање поради масовното уништување на јавната здравствена инфраструктура во Газа и континуираните интензивни непријателства.

„Слушнавме различни коментари дека ОН не прават доволно“, рече Мајкл Рајан, шеф на Програмата за итни случаи во здравството на СЗО.

„Ако продолжите да ја уништувате инфраструктурата, ако продолжите да ги уништувате услугите со ова темпо, а потоа ги обвинувате луѓето кои влегуваат и поддржуваат и обезбедуваат помош за спасување на животот - кој е виновен овде? Праша тој. „Ние сме на терен и служиме. Можеме многу повеќе. Мора да ни се дадат средства да направиме многу повеќе, но во моментов тоа не е возможно“.

На виртуелен брифинг во петокот, полковникот Елад Горен, шеф на цивилен оддел на израелска агенција која ја олеснува помошта во Газа, рече дека „наративот за блокада е целосно лажен“.

Тој наведе дека ОН и другите хуманитарни агенции му рекле дека има „доволна количина храна во Газа и ние продолжуваме да ги притискаме хуманитарните агенции да соберат повеќе камиони на границите и да ги дистрибуираат“.

Тој додаде дека „Израел нема да застане на патот за обезбедување хуманитарна помош за луѓето во Газа кои не се дел од теророт. Тие не ни се непријатели“.

Додека Газа продолжува да доминира на насловните страници на глобално ниво, шефот на СЗО Тедрос предупреди дека на милиони луѓе во други земји во конфликт, особено во Судан и Етиопија, им се заканува зголемено насилство, масовно раселување, ширење на болести, глад и смрт и не смеат да бидат заборавени.

Во изминатиот месец, тој рече дека конфликтот раселуваше половина милион луѓе од државата Ал-Гезира, која порано беше засолниште од конфликтот во суданскиот главен град Картум.

„Поради безбедносна загриженост, СЗО привремено ги прекина своите операции во Ал-Гезира“, рече тој. „Државата се смета дека го снабдува Судан со леб, а борбите таму ја нарушија годишната жетва и го зголемија ризикот од несигурност на храна во областите погодени од конфликти“.

Тедрос, исто така, рече дека условите се влошиле особено за суданските деца откако избувна војната во средината на април, истакнувајќи дека околу 3,5 милиони деца на возраст под 5 години - едно од седум - се акутно неухранети, а „повеќе од 100 000 страдаат од тешка акутна неухранетост за што е потребна хоспитализација“.

Тедрос изрази голема загриженост за влошената здравствена криза во делови од Етиопија, велејќи дека северозападниот регион Амхара е тешко погоден од конфликт од април и ограничувањата на движењето ги попречуваат напорите за испорака на хуманитарна помош.

„Борбите влијаат на пристапот до здравствените установи, преку оштетување или уништување, блокади на патиштата и други пречки“, рече тој. „Здравствените власти не можат да испорачаат обука и материјали и не можат да транспортираат примероци за лабораториска потврда во многу области.

„Појавите на болести се шират во северна Етиопија, како резултат на конфликти, суша, економски шокови и неухранетост, особено во регионите Тигра и Амхара“, каде што, наводно, многу луѓе страдаат од услови на речиси глад, рече тој, додавајќи дека „најитната потреба е пристап до погодените области, за да можеме да ја процениме потребата и соодветно да одговориме“.