Линкови за пристапност

Израел изврши воздушни и копнени напади во југот на Газа


Персоналот на палестинската Црвена полумесечина проверува уништено амбулантно возило во Деир ел-Балах во централниот дел на Појасот Газа, на 11 јануари 2024 година, додека трае конфликтот меѓу Израел и палестинската милитантна група Хамас.
Персоналот на палестинската Црвена полумесечина проверува уништено амбулантно возило во Деир ел-Балах во централниот дел на Појасот Газа, на 11 јануари 2024 година, додека трае конфликтот меѓу Израел и палестинската милитантна група Хамас.

Речиси и да нема промени во доставувањето хуманитарна помош во Газа, наведува СЗО

Израелската војска денеска изврши воздушни и копнени напади во централниот и јужниот дел на Појасот Газа, додека Министерството за здравство на Газа со кое раководи Хамас соопшти дека во израелските напади во текот на ноќта загинале десетици луѓе.

Министерството за здравство на Газа соопшти дека има повеќе од 60 загинати и убиени во израелските воздушни напади врз Кан Јунис, јужниот град кој е втор по големина во Појасот Газа.

Израелската војска, исто така, ги однесе новинарите на обиколка на подземниот тунел во Кан Јунис, каде што рече дека има докази дека имало заложници.

Израел не идентификуваше ниту еден од заложниците и не даде информации за нивната судбина, велејќи дека доказите што ги откриле вклучувале ДНК анализа.

Хамас уби околу 1 200 луѓе во нападот врз Израел на 7 октомври и зароби 240 заложници, од кои околу половина оттогаш се ослободени.

Министерството за здравство на Газа соопшти дека во контраофанзивата на Израел загинале повеќе од 23 300 Палестинци. Огромни делови од Газа останаа во урнатини, а 85% од нејзиното население од 2,3 милиони раселени.

Генералниот директор на Светската здравствена организација Тедрос Аданом Гебрејесус вчера изјави дека хуманитарните агенции се соочуваат со „речиси непремостливи предизвици“ во испораката на хуманитарна помош во Газа.

„Ги имаме залихите, тимовите и плановите. Тоа што го немаме е пристапот“, рече Тедрос кој повика на помош од Израел за олеснување на барањата за испорака на помош.

Дел од информациите за овој извештај се од Асошиетед прес, агенцијата Франс-прес и Ројтерс.

XS
SM
MD
LG