Американските претседатели често го користат уставното право армиски да интервенираат во странство

Што ќе реши претседателот Барак Обама?

Што велат Уставот и законите и каква е соработката на релација Бела куќа - Конгрес?
Додека претседателот Обама ги разгледува можностите за напад врз Сирија заради наводниот напад со хемиско оружје, тој мора да земе предвид значителни правни фактори.

Според американскиот Устав, претседателот е главен командант на армијата, но Конгресот има овластување да објави војна и да го контролира финансирањето на воените акции. Покрај тоа, 40 години стариот закон за воени овластувања налага претседателот да го информира Конгресот во рок од 48 часа пред да се реши на армиска акција и забранува оружените сили да останат ангажирани во неа повеќе од 60 дена без дозвола на Конгресот.

Уште од изгласувањето на законот, тој е предмет на несогласувања меѓу американските претседатели и Конгресот. Жителите на Белата куќа неколкупати дале зелено светло за армиска интервенција во странство по консултација со конгресните лидери, но честопати без конкретно одобрување, преку гласање во Конгресот.

Пред две години, претседателот Обама нареди американско армиско учество во бомбардирањето во Либија, како поддршка на резолуциите на ОН, но не доби одобрение од Конгресот.

Без донесена резолуција на ОН за акција во Сирија, САД би можеле да се потпрат на сојузниците како Британија и Франција, доколку одлучат да реагираат.

Портпаролот на Белата куќа Џеј Карни вчера изјави дека претседателот верува дека нападот во Сирија минатата недела претставува тежок престап и дека заслужува одговор.

“Тој, очигледно, го користи неопходното време за да ги процени можностите што му се на располагање и да донесе одлука за тоа каков треба да биде најсоодветниот одговор на САД, во консултација со нашите партнери и сојузници, како и со конгресните лидери“, рече Карни.