Кога новоизбраниот претседател Доналд Трамп ќе ја преземе функцијата по вторпат во јануари, на двајца негови поддржувачи од највисок профил ќе им бидат дадени ингеренции за новата операција дизајнирана да ги намали владините трошоци и да ја подобри нејзината работа.
Копреседавач со одделот за владина ефикасност, кој, и покрај неговото име, најверојатно ќе биде советодавен комитет наместо вистински оддел, ќе биде основачот на Тесла и СпејсИкс Илон Маск, и богатиот поранешен републикански претседателски кандидат Вивек Рамасвами.
Името на операцијата, кое може да се сведе на кратенката ДОГЕ, се чини дека доаѓа од смислата за хумор на Маск.
Маск и Рамасвами го поставија 4 јули 2026 година, односно 250-годишнината од потпишувањето на Декларацијата за независност на САД, како датум за завршување на нивната работа, која се очекува да стигне до секој ќош на американската Влада со цел намалување на трошоци и елиминирање на бирократија.
Големи ветувања
Во изјавата за формирање на ДОГЕ, Трамп рече дека тоа „ќе го отвори патот за мојата администрација да ја разбие владината бирократија, да ги намали вишокот регулативи, да ги намали расипничките трошоци и да ги преструктуира федералните агенции“.
Маск јавно шпекулираше дека би требало да биде можно да се идентификуваат околу 2 трилиони долари потенцијални кратења на федералниот буџет. Тоа би претставувало речиси една третина од 6,1 трилиони долари, што федералната влада ги потроши во фискалната 2023 година и не може да се постигне без драстично намалување на владините услуги и програми.
Рамасвами посочи дека таквите намалувања се токму она што тој и Маск ќе го предложат.
Во настап на „Фокс њуз“ оваа недела, тој беше запрашан дали имаат намера да затворат цели владини оддели. Тој одговори: „Очекуваме масовни намалувања. Очекуваме одредени агенции целосно да се избришат. Очекуваме масовни намалувања на сила во областите на федералната влада каде има многу. Очекуваме големи намалувања, меѓу федералните изведувачи и други, кои пренаплаќаат од федералната влада“.
Тој додаде: „Мислам дека луѓето ќе бидат изненадени од тоа колку брзо можеме да се движиме со некои од тие промени“.
Првпат по Реган
Организациите кои притискаат за поблизок надзор на федералните трошоци беа внимателни оптимисти за ДОГЕ.
Том Шац, претседател на Граѓаните против владиниот отпад, изјави за Гласот на Америка дека ова ќе биде „првиот значаен и сеопфатен преглед на федералната влада од приватниот сектор“ откако претседателот Роналд Реган ја создаде Грејс комисијата, комитет кој препорачува подобрувања на владината ефикасност, во 1982 година.
Колку ДОГЕ на крајот ќе биде влијателен, рече Шац, ќе зависи од голем број фактори надвор од контролата на комисијата. „Се` зависи од тоа што ќе прави претседателот Трамп со препораките“, рече Шац.
„Препораките треба да се спроведат, или преку извршни наредби или законски регулативи ... но потребно е лидерство, и навистина му е потребно на Конгресот, во многу случаи, да ги спроведе препораките“.
Во изјавата објавена откако Трамп го објави создавањето на ДОГЕ, Маја МекГвинеас, претседателка на Комитетот за одговорен федерален буџет, ја пофали идејата зад напорите, но предупреди дека ќе биде потребна двопартиска соработка за да се видат имплементирани вистински промени.
„Поважно, процесот ќе треба да биде колку што е можно двопартиски за да се помогне во реализацијата и имплементацијата на идеите“, рече МекГвинеас.
„На препораките ќе им треба прифаќање од страна на Конгресот, дополнително нагласувајќи ја потребата ова да биде напор што ќе се пробие низ целата патека и ќе се остават сите опции на маса за да се решат нашите фискални нерамнотежи“.
Огромен буџет
Комисијата надгледувана од Маск и Рамасвами ќе ја примени својата контрола врз федералниот буџет, во кој голем дел од владините трошоци се посветени на она што е познато како „задолжително“ трошење.
Задолжителните трошења се состојат од плаќања што Владата е обврзана со закон да ги изврши, а во 2023 година тие изнесуваа 3,8 трилиони долари од буџетот од 6,1 трилиони долари. Најголемата поединечна ставка беше 1,3 трилиони долари исплатена од „Сошал секјурити“ - федералната програма која обезбедува приход на пензионерите, според Канцеларијата за буџет на Конгресот.
Владата потроши уште 448 милијарди долари за исплати за поддршка на приходите за други Американци, вклучувајќи ги невработените и родителите со ниски приходи.
Трошењето за „Медикеар“, програмата за здравствена заштита за постарите Американци изнесуваше 839 милијарди долари, додека трошоците за „Медикејд“, кои ја поддржуваат здравствената заштита за Американците со ниски приходи изнесуваа 616 милијарди долари.
Втората голема категорија на трошење се смета за „дискреционо“. Станува збор за плаќања што Конгресот ги одобрува со секој буџетски циклус и тие изнесуваат 1,7 трилиони долари во 2023 година. Дискреционото трошење ја финансира секојдневната работа на федералната влада, при што речиси половина - 805 милијарди долари во 2023 година - одат во буџетот за одбрана.
Останатите 917 милијарди долари ги финансираат главните владини оддели, Конгресот и Белата куќа и други функции на Владата.
Последната голема категорија, каматата на федералниот долг, постои во сивата зона помеѓу задолжителното и дискреционото трошење. Додека Владата теоретски може да избере да не го сервисира својот долг, одлуката да го стори тоа може да биде катастрофална за САД и за глобалните економии.
Структурата нејасна
Останува нејасно како точно ќе биде структуриран ДОГЕ. Доколку е основан со извршна наредба, може да биде предмет на Законот за сојузен советодавен комитет. Тој закон бара да се преземат одредени чекори за да се обезбеди транспарентност и има правила за конфликт на интереси.
Последново може да биде проблематично за Маск, чии различни компании имаат договори во вредност од милијарди долари со федералната Влада.
Меѓутоа, ако ДОГЕ се конституира како целосно приватно претпријатие, чии лидери едноставно го имаат увото на претседателот, тие правила нема да важат.