Сенатот го потврди Марко Рубио за државен секретар на САД

  • VOA

Сослушување во Конгрес за потврда на американскиот сенатор Марко Рубио за државен секретар на САД

Сенатот го одобри Марк Рубио за државен секретар на САД на денот на инаугурацијата на американскиот претседател Доналд Трамп.

Претставниците на двете партии го поддржаа со 99 гласа, а ниту еден сенатор не гласаше против.

Ова е прва потврда во Сенатот на функционер од Кабинетот на Трамп и доаѓа само неколку часа откако Трамп даде заклетва како претседател.

53-годишниот републикански сенатор од Флорида е првиот со латионамериканско потекло кој ќе служи како највисок дипломат во земјата.

Во минатото, сенаторот роден во Флорида се залагаше за активна надворешна политика кон геополитичките непријатели на САД, вклучувајќи ги Кина, Иран и Куба.

Во текот на изминатите неколку години, тој омекна некои од своите позиции за повеќе да ги одразува ставовите на Трамп.

Трамп ги обвини поранешните претседатели дека ги „влечат САД во скапи и бескорисни војни“ и инсистираше на помалку интервенционистичка надворешна политика.

За време на сослушувањето за потврда, Рубио предупреди дека САД мора да го сменат пристапот за да избегнат поголема зависност од Кина.

Рубио за време на сослушувањето за потврда на Комитетот за надворешни односи на Сенатот на 15 јануари, рече дека политиката на американската влада треба да биде ставање крај на војната во Украина.

За да се постигне договор за прекин на борбените дејства, според Рубио, потребни се отстапки и од Москва и од Киев, кои веројатно ќе мора да се откажат од целта за враќање на териториите заземени од Москва.

Рубио рече дека има други можности, не само воени да се влијае врз Москва.

„Имаме значителен број санкции против Руската Федерација, а нивниот број продолжува да расте, а тоа го прават и другите земји, и ова треба да биде дел од овој разговор за да се постигне мирно решение“, рече Рубио за време на сослушувањето во Конгресот.

За време на сослушувањата, тој, исто така, нагласи дека Украина мора да биде способна за самоодбрана и по завршувањето на војната што ја започна Русија.

Извор: Украинска редакција на Гласот на Америка