Се бориме против држави кои сакаат да заземат територија на свои соседи, рече сенаторот Менендез за помошта за Украина

САД вчера објавија нова воена помош од 325 милиони долари за Украина

Верувам дека го правиме она што е неопходно за да ѝ помогнеме на Украина да постигне успех, рече претседавачот со Сенатската комисија за надворешни работи Боб Менендез за Ерменската редакција на Гласот на Америка.

„И, се разбира, ние не само што ѝ помагаме на Украина, што само по себе тоа би било достојно, туку ние се залагаме за меѓународниот предлог дека не можете да земете територија на друга земја. Ако дозволиме тоа да се случи, потоа има многу земји во светот, авторитарни лидери, кои ќе се обидат да ја земат територијата на своите соседи“, рече Менендез.

Сенаторот Адеџ Падила, пак, рече дека постои огромна двопартиска поддршка за Украина против руската агресија.

„Ќе останеме посветени на Украина додека државата не биде обновена“, рече Падила.

Конгресменот Бред Шнајдер изјави дека САД досега имаат обезбедено близу 35 милијарди долари помош за Украина додека украинскиот народ се бори за својата „независност, суверенитет, нивните семејства, нивните заедници, својата земја“.

„И ние треба да направиме се` што можеме за да им обезбедиме ресурси за борба, против неиспровоцираниот и незаконски напад на Владимир Путин и руските сили, и ќе продолжиме да го правиме тоа“, рече тој.

САД вчера објавија нова воена помош од 325 милиони долари за Украина во пакет што се очекува да вклучи повеќе артилериски истрели и ракети за артилерискиот ракетен систем со висока мобилност (ХИМАРС).

Претставниците на одбраната кои разговараа за Гласот на Америка пред објавувањето на пакетот, велат дека најновата помош вклучува и противтенковски ракети, мини и противоклопно оружје АТ-4, потребни за да се потиснат руските копнени сили од окупираните области на Украина.