САД и Германија не го поддржуваат брзиот влез на Украина во НАТО пред самитот во Вилнус

  • Хенри Риџвел

Има прашања, како на пример, како членот 5 на НАТО за колективна самоодбрана би се применувал за земја во војна со Русија?

Украинскиот претседател Володимир Зеленски повика НАТО да ја забрза апликацијата на неговата земја на самитот следната недела, откако Украина формално поднесе барање за приклучување кон НАТО во септември, како одговор на прокламираната анексија на териториите што ги нападна Русија на истокот од земјата.

„На самитот во Вилнус ни треба многу конкретен и јасен сигнал дека Украина може да стане и има право да стане рамноправна членка на НАТО по војната“, рече Зеленски.

Барањето на Украина има поддршка од неколку членки на НАТО - вклучувајќи ги Велика Британија, Полска и балтичките земји.

„Потребно е само да се создаде коридор, процедури, алгоритми - како да се продолжи ако војната заврши или како што дозволуваат условите“, вели Гитанас Науседа, литвански претседател.

Но, некои сојузници во НАТО - особено САД и Германија - сè уште не го поддржаа брзото членство на Украина.

Има прашања, како на пример, како членот 5 на НАТО за колективна самоодбрана би се применувал за земја во војна со Русија?

Фабрис Поатје, поранешен директор на НАТО за планирање политика вели:

„Можете да замислите договор каде што членот 5 ќе се применува само на неоспорната или слободната украинска територија, оние кои се под контрола на Киев, додека оние кои сè уште се оспоруваат - или со воени средства или политички, дипломатски - ќе бидат оставени надвор од делокругот на член 5. Така што мислам дека ова е пореално сценарио. Но, токму затоа мислам дека аргументот е да се каже: „Да го започнеме тој процес во Вилнус“.

Сојузниците на НАТО, исто така, ќе се обидат да се договорат за новото инвестициско ветување да потрошат најмалку два отсто од својот годишен бруто домашен производ за одбрана - поради загриженоста дека некои членки не ја исполнуваат целта.

Во меѓувреме, апликацијата на Шведска за влез во НАТО - поднесена заедно со Финска по руската инвазија на Украина - продолжува да биде блокирана од Турција, која го обвинува Стокхолм дека ги засолнува она што Анкара го гледа како курдски терористи.

Сојузниците се надеваат на пробив на самитот.

НАТО ја призна Кина како предизвик за нејзината безбедност и вредности за првпат на самитот минатата година.

Западните сојузници веројатно нема да го променат тој став, велат аналитичарите.

Сојузниците на НАТО, исто така, ќе се осврнат на новите закани, вклучувајќи ги климатските промени, сајбер и вселенските технологии.