САД го осудија насилството врз трупите на КФОР предводени од НАТО

Повторно го повикуваме Косово да се воздржи од еднострани чекори додека работиме со сите страни за решавање на актуелната криза, изјавија од Стејт департментот за албанската редакција на Гласот на Америка

САД го осудуваат неприфатливото насилство врз трупите на КФОР предводени од НАТО, изјавија од прес-службата на Стејт департментот за албанската редакција на Гласот на Америка.

Оттаму велат дека одговорните за нападите треба да бидат повикани на одговорност, следејќи ја соодветната процедура и со целосна транспарентност.

„Одлуката на Владата на Косово да ги нарече овие групи терористички организации не беше координирана со САД и другите меѓународни партнери. Оваа одлука требаше да биде координирана со најблиските меѓународни партнери на Косово, вклучувајќи ги и оние кои имаат примарна одговорност за обезбедување на стабилноста на Косово“, се вели во изјавата.

Повторно го повикуваме Косово да се воздржи од еднострани чекори додека работиме со сите страни за решавање на актуелната криза, нагласија оттаму.

Група сенатори го повика Бајден да даде приоритет на безбедноста во Косово на почетокот на неделава.

Американската сенаторка Џин Шахин, претседавачка со Поткомитетот за надворешни работи на Сенатот за Европа и регионална безбедносна соработка, заедно со двопартиска група законодавци, испратија писмо до претседателот Џо Бајден, во кое се бара „администрацијата да даде приоритет на решавање на влошената безбедносна ситуација меѓу Косово и Србија“.

Американската сенаторка Џин Шахин, претседавачка со Поткомитетот за надворешни работи на Сенатот за Европа и регионална безбедносна соработка, заедно со двопартиска група законодавци, испратија писмо до претседателот Џо Бајден, во кое се бара „администрацијата да даде приоритет на решавање на влошената безбедносна ситуација меѓу Косово и Србија“.

Покрај Шахин, писмото го потпишаа сенаторите Крис Марфи, Крис Ван Холен, Бен Кардин, Пит Рикетс, Том Тилис, Питер Велч и Дик Дурбин.

„Ние пишуваме за да ја изразиме нашата искрена загриженост во врска со влошената ситуација на северот на Косово, каде што неодамнешното српско насилство врз косовските сили на НАТО (КФОР) во северно Косово повреди речиси 40 мировници на НАТО. Од тие напади, ние сме вознемирени од одлуките донесени од двете влади на Косово и Србија кои продолжуваат да ескалираат наместо да ги деескалираат тензиите“, напишаа сенаторите во писмото.

Сенаторите нагласија дека „ние сме особено загрижени за континуираната безбедност и благосостојба на речиси 600 американски војници кои служат во рамките на КФОР. Ги цениме дипломатските напори на САД за деескалација на кризата, но овие напори особено не беа возвратени од Косово“.

Белата куќа за српската редакција на Гласот на Америка, пак, рече дека американската администрација ја дели загриженоста на Конгресот поради зголемените тензии на северот на Косово, во врска со писмото на американските сенатори упатено до претседателот Џо Бајден поради неодамнешните тензии меѓу Србија и Косово.

„Американските владини претставници, вклучително и Белата куќа и Стејт департментот, тесно соработуваат со партнерите од Европската Унија за да најдат дипломатско решение за неодамнешните настани. Тие побараа од лидерите на Косово и Србија да деескалираат, како и повторно да се фокусираат на спроведувањето на договорот за нормализација што беше потпишан во текот на годината“, се вели во одговорот на портпаролот на Советот за национална безбедност на Белата куќа.

„Јасно укажавме дека нормализацијата на односите, учеството во демократските процеси и почитувањето на владеењето на правото ќе придонесат за стабилноста и безбедноста на северот на Косово“, се вели во одговорот на Белата куќа.