Русија вети одмазда против САД за нападот на Украина врз Крим

Жена пред импровизираниот споменик на жртви на гранатирање, за кое руските власти велат дека бил украински ракетен напад во текот на руско-украинскиот конфликт, во Севастопол, Крим, 24 јуни 2024 година

Кремљ во понеделникот ги обвини САД за нападот на Крим со проектили ATACMS испорачани од САД, во кои загинаа најмалку четири лица, а 151 беа повредени, додека Москва официјално го предупреди американскиот амбасадор дека ќе следи одмазда.

Војната во Украина ја продлабочи кризата во односите меѓу Русија и Западот, а руските власти изјавија дека конфликтот влегува во најопасната ескалација досега.

Но, директното обвинување на САД за нападот на Крим, кој Русија еднострано го анектираше во 2014 година, иако поголемиот дел од светот го смета за дел од Украина, е чекор понатаму.

„Треба да ги прашате моите колеги во Европа, а пред се` во Вашингтон, портпаролите, зошто нивните влади убиваат руски деца“, им рече на новинарите портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков.

Најмалку две деца се убиени во нападот на Севастопол во неделата, според руските власти.

Киев не го коментираше нападот.

Русија рече дека САД го испорачале оружјето, додека американската војска го насочила и обезбедила податоци.

Руското министерство за надворешни работи ја повика американската амбасадорка Лин Трејси и ѝ кажа дека Вашингтон „води хибридна војна против Русија и всушност стана страна во конфликтот“.

„Дефинитивно ќе следат одмазднички мерки“, се вели во соопштението.

Трејси рече дека Вашингтон жали за каква било загуба на цивилни животи, изјави портпаролот на Стејт департментот Метју Милер за новинарите, додавајќи дека Вашингтон ѝ обезбедува оружје на Украина за да може да ја брани својата суверена територија, вклучувајќи го и Крим.

Пентагон рече дека „Украина носи свои одлуки за таргетирање и спроведува свои воени операции“.

Претседателот Владимир Путин постојано предупредува на ризикот од многу поширока војна во која ќе бидат вклучени најголемите нуклеарни сили во светот, иако тој рече дека Русија не сака конфликт со НАТО алијансата, предводена од САД.

Американскиот претседател Џо Бајден ја отфрли можноста за испраќање американски војници да се борат во Украина и веднаш по целосната руска инвазија во 2022 година изјави дека директна конфронтација меѓу НАТО и Русија би значела Трета светска војна.

Путин ја претставува војната во Украина како дел од пошироката борба со САД, за кои вели дека ги игнорирале интересите на Москва по распадот на Советскиот сојуз во 1991 година, а потоа планирале да ја расцепат Русија и да ги заземат нејзините природни ресурси.

Лидерите на Западот и Украина ја опишуваат војната како грабеж на територија во империјален стил.

Западот негира дека сака да ја уништи Русија, која пак негира дека има намера да изврши инвазија на која било земја членка на НАТО.

Откако САД ѝ дозволија на Украина да насочи дел од американското оружје во Русија, Кремљ испрати сигнали дека тоа го смета за сериозна ескалација.

Путин нареди вежби за практикување на распоредување на тактичко нуклеарно оружје, сугерирајќи дека Русија може да стационира конвенционални ракети на растојание од САД и нивните сојузници, и потпиша договор за заемна одбрана со Северна Кореја.

Вашингтон сè уште му забранува на Киев да нападне руска територија со ATACMS, кои имаат дострел до 300 километри, и друго американско оружје со долг дострел.

Путин во четвртокот рече дека Русија би можела да ѝ испорача оружје на Северна Кореја, како што тој посочи дека ќе биде сличен одговор на западното вооружување на Украина.

На прашањето каков ќе биде рускиот одговор за нападот на Крим, Песков потсети на зборовите на Путин на 6 јуни за пошироко поставување на конвенционално оружје.

„Се разбира, вклучувањето на САД во борбите, како резултат на кои умираат мирољубиви Руси, не може, а да не има последици“, рече Песков.

„Кои точно - времето ќе покаже“.