Ромни доби поддршка од две големи републикански фигури

Поддршката доаѓа од поранешниот претседател Џорџ Х. В. Буш и Марко Рубио, сенатор од Флорида

Поранешниот американски претседател Џорџ Херберт Вокер Буш планира да даде поддршка на Мит Ромни за републиканската претседателска номинација.

Портпарол на Ромни кажа дека поранешниот претседател ќе ја даде поддршката на Ромни на настан во четврток, во Хјустон, Тексас. Поддршката на Буш постариот доаѓа една недела откако неговиот син, поранешниот гувернер на Флорида, Џеб Буш, ја објави неговата поддршка за кампањата на Ромни.

Ромни осигура уште една клучна поддршка во средата, кога американскиот сенатор Марко Рубио од Флорида кажа, на национално пренесувано интервју, дека е се` поверојатно дека поранешниот гувернер на Масачусетс ќе добие доволно делегати да ја обезбеди номинацијата.

Рубио рече дека нема дилеми дека Ромни ќе раководи како конзервативец доколку биде избран, и дека ќе биде далеку подобар од сегашниот демократски претседател Барак Обама.

Сенаторот во неговиот прв мандат е растечка ѕвезда во Републиканската партија и омилен кај конзервативното движење Ти парти, и многумина го сметаат за можен потпретседателски кандидат. Но Рубио кажа дека не верува оти Ромни ќе го побара за таа функција, и дека сака да остане во американскиот сенат.