
Социјална, економска, политичка правда, родова еднаквост, поголема безбедност, здравство беа побарани на протестeн марш во Скопје, што се одржа по повод Меѓународниот ден на жената, 8ми Март, 2025 година во Скопје
Бројот на работоспособни жени во македонското општество е поголем од мажите, но кога станува збор за работни активности, наоѓање работа, активен ангажман, предноста ја добиваат мажите. Тоа го покажуваат податоците од Државниот завод за статистика, за четвртото тримесечје од 2024 година.
Бараме вредносен систем што ги почитува жените, што им овозможува да живеат без страв и им гарантира активна улога во општествотоАндреа Угриноска, Организација „Тииит! Инк“
Така, според тие бројки во македонското општество има 1.515.039 работоспособни лица кои се на возраст над 15 години. Од нив 744,639 се мажи и 770,399 се жени. Но, во делот за вработени јазот е речиси 100.000 лица. Така стои дека бројот на вработени мажи е 401,266, додека бројот на вработени жени е 299,260.
Токму родовата нееднаквост во можностите за наоѓање работа беше една од причините за денешниот протестен Осмомартовски марш што се одржа во Скопје. Од протестот, кој се одржа под мотото „Нека јадат ружи“ беа упатени пораки за социјална, економска, но и за политичка правда.
„Бараме вредносен систем што ги почитува жените, што им овозможува да живеат без страв и им гарантира активна улога во општеството“, рече Андреа Угриноска, извршна директорка на неформалната организација за заштита на правата на маргинализираните, „Тииит! Инк“.
Протестeн марш во Скопје по повод Меѓународниот ден на жената, 8ми Март, 2025 година
Беа упатени и пораки дека македонското општество и натаму не е целосно безбедно за жените, особено поради загрижувачкиот поден на семејното насилство.
„Жените сè уште не се слободни од силеџиството во домовите, на работните места, на улиците, во училиштата, на интернет, во институциите. Силеџиството не е само тупаници. Тоа е закон што не нè штити, работно место што нè експлоатира, болница каде што нашата болка не е приоритет“, истакна Ема Мицеска од организацијата „Хера“.
Семејното насилство и натаму е една од темните страни во македонското општество. Протест во Скопје по повод 8ми Март, 2025 година.
Меѓународниот Ден на жената е во календарот и на Обединетите нации.
„Во светот, жените сè уште имаат само две третини од законските права на мажите. Остриот јаз во сиромаштијата опстојува, а со сегашното темпо ќе бидат потребни дополнителни 137 години за да се стави крај на екстремната сиромаштија кај жените. Ова не само што е неправедно - тоа е корозивна сила што го попречува човечкиот развој и го задушува глобалниот напредок“, се вели во пораката упатена од Обединетите нации упатена по повод 8-ми Март.
Нека јадат ружи: Протестен марш во Скопје по повод 8ми Март
Според статистиките од македонскиот Државен завод за статистика, во четвртото тримесечје од минатата година, како неактивни жени на возраст над 15 години се евидентирани 435.122 жени. Бројот на неактивно машко население, пак, на возраст над 15 години изнесува 284,596 лица.