Републиканците во Претставничкиот дом на САД денес претставија план за обезбедување помош од 14,3 милијарди долари за Израел со намалување на финансирањето на Службата за внатрешни приходи.
Во една од првите главни политички активности под новиот спикер на Претставничкиот дом Мајк Џонсон, републиканците во Претставничкиот дом претставија самостоен дополнителен предлог-закон за трошење само за Израел, и покрај барањето на демократскиот претседател Џо Бајден за пакет од 106 милијарди долари, кој ќе вклучува помош за Израел, Украина и безбедноста на границите.
Џонсон, кој гласаше против помошта за Украина пред да биде избран за претседател на Претставничкиот дом минатата недела, рече дека сака за помошта за Израел и Украина да се постапува одделно.
Тој рече дека сака поголема одговорност за парите што се испратени до владата во Киев додека се бори против Русија.
„Израел е посебна работа“, рече Џонсон во интервју за „Фокс њуз“ минатата недела, опишувајќи ја неговата желба да ги „одвои“ прашањата за финансирање на Украина и Израел.
Џонсон рече дека зајакнувањето на поддршката за Израел треба да биде на врвот на американската национална безбедносна агенда по нападот на 7 октомври од милитантите на Хамас во кој загинаа повеќе од 1.400 луѓе, а повеќе од 200 други беа земени како заложници.
Демократите ги обвинија републиканците дека ја блокираат способноста на Конгресот да му помогне на Израел со воведување на партиски нацрт-закон.
Портпаролката на Белата куќа Карин Жан-Пјер, издаде соопштение во кое ги обвини републиканците за „политизирање на националната безбедност“ и дека нивниот предлог-закон е губитнички.
За да стане закон, мерката ќе треба да помине во Претставничкиот дом и во Сенатот и да биде потпишана од претседателот Бајден.
„Републиканците во Претставничкиот дом поставуваат опасен преседан со тоа што сугерираат дека заштитата на националната безбедност или одговорот на природните катастрофи зависи од кратењето на други програми“, рече во изјавата конгресменката Роза Делауро, рангирана демократка во Комитетот за доделување средства на Претставничкиот дом.
Одборот за правила на Претставничкиот дом се очекува да го разгледа републиканскиот нацрт-закон за Израел в среда.