Два милиони долари, преку Амбасадата на САД само годинава ќе дојдат во Македонија, преку бројни проекти корисни за македонските граѓани. Амбасадорот Филип Рикер објаснува дека се работи за проекти од образованието и здравството, области каде граѓаните се најранливи. Реновирање на седум училишта, кои ќе бидат завршени уште годинава, болница и педијатрија, кои ќе бидат завршени уште овој месец, а ќе се обезбедат и системи за складирање на вакцини, наменети за најмладите.
Ургентниот центар доби апарат за компјутерска томографија, од кој годишно зависи здравјето на околу 25.000 најтешки хируршки случаи во Македонија. Донацијата, заедно со реновирањето на собите во болницата, е резултат на великодушноста на граѓаните на Вермонт и Програмата за хуманитарна помош на Европската команда на САД.
„Откако мојата сопруга ја посети болницава во мај 2008 година, „Флечер Ален“ преку програмата за државно партнерство испрати тројца доктори кои беа импресионирани од професионалноста на медицинскиот персонал и општата грижа. Тие увидоа дека има потреба од апарат за компјутерска томографија. По големи напори, помош и соработка обезбедена од амбасадорот Рикер и Европската команда, опремата беше донесена. Во име на граѓаните на Вермонт, посакувам соработката со вас да продолжи. Планираме да го продолжиме партнерството“, рече генералот Мајк Дуби од Националната гарда на Вермонт, кој деновиве беше во Македонија.
Неколку дена претходно, пет милиони долари помош и поддршка преку УСАИД добија невладини организации во Македонија, кои работат на проекти за поддршка на микропретприемништвото и енергетската ефикасност, со што ќе се отворат 500 работни места, во земја каде невработеноста е над 34 проценти.
„Ова е пример за пријателство и соработка. Продолжуваме да работиме на она што ќе ни помогне да ги оствариме целите кои ги имаат македонските граѓани, а тоа е попросперитетна земја, попросперитетен регион. САД имаат намера да продолжат да помагаат во таа насока“, вели амбасдадорот Рикер, кому следниве месеци му истекува мандатот во Македонија.