„Добредојдовте дома војници“ – рече Амбасадорот на САД во Македонија Филип Рикер кој синоќа на свечен прием им посака топло добредојде на 79-те макеоднски војници кои во ноември го завршија својот шестмесечен ангажман во мисијата ИСАФ во Авганистан.
„ Македонските војници во Авганистан покажаа дека Армијата на Република Македонија е подготвена и дека нејзиното високо ниво на кохезивност со НАТО силите е исклучително. Без љубов, посветеност и поддршка мисијата на овие војници ќе беше многу потешка. Вие се истакнавте и го претставувате најдоброто од Македонија“, рече амбасадорот Рикер.
Македонските војници, министерот за одбрана Зоран Коњановски и началникот на Генералштабот на македонската армија Мирослав Стојановски ја слушнаа и благодарноста до македонските мировници и нивните семејства од претседателот на САД, Барак Обама, и командантот на Националната гарда на Вермонт Мајкл Дуби.
„Македонија континуирано заедно со САД и другите сојузници застана во одбрана на слободата и во создавањето на свет побезбеден за сите нас. Речиси 500 македонски војници служеа во Ирак, а повеќе од 200 војници веќе поминаа во Мисијата во Авганистан. Тоа е многу вреден придонес“, оцени американскиот амбасадор.
„Без разлика што некоја земја е голема, а некоја мала, и најмалиот може да помогне на големиот во борбата против тероризмот“, рече министерот Коњановски, заблагодарувајќи се притоа за големата финансиска помош на САД во модернизацијата и обуката на македонската армија, која благодарение на тоа прерасна во, како што рече, добро обучена армија.
„Република Македонија ќе биде силен и лојален партнер на САД и НАТО и во периодот кој доаѓа“, рече Коњановски.
„Во Република Македонија имате голем сојузник и голем пријател. Секоја идеја пласирана од САД која значеше развој на регионот беше прифатена од Република Македонија. Имавте лојален партнер во Република Македонија, а тоа ќе продолжи и понатаму“, порача Коњановски на приемот за македонските војници.