Првпат по нападот, словачкиот премиер Роберт Фицо неодамна ѝ се обрати на својата нација во порака на социјалните мрежи снимена во неговиот дом, каде што заздравува откако беше застрелан неколкупати.
Фицо верува дека нападот се должи на неговите ставови против поддршката на Украина. Повикувајќи се на анкети на јавното мислење, аналитичарите велат дека поларизацијата меѓу оние кои ја поддржуваат Украина и оние кои се на страната на Русија во оваа војна вртоглаво се зголемила, и тоа не само на улиците на Словачка, туку и во државите низ Централна Европа.
Еден извештај, на словачкиот тинк-тенк ГЛОБАСЕК, сугерира дека заморот од војната е виновен за намалената симпатија за украинската кауза во овие земји.
„Она што се случува од 2022 година е дека дел од првичната поддршка исчезнува. Но, тоа беше многу високо ниво на поддршка. Така што тоа се очекува во некои земји. На пример, во Полска, во споредба со 2022 година, помалку луѓе ја гледаат иднината на Украина во ЕУ, НАТО или во двете“, смета Патрик Сзицхерле, коавтор на извештај за војната во Украина.
Со опаѓање на поддршката за украинската кауза во Централна Европа, руската пропаганда, велат набљудувачите, е фокусирана на поткопување на поддршката за Европската Унија меѓу државите, како Романија, Словачка и Унгарија.
„Овие кампањи за дезинформации всушност немаат за цел да ги освојат срцата и умовите на источноевропејците, туку да ги збунат, да ги натераат да веруваат дека Западот не е толку добар“, вели Дорка Такачи од Германскиот маршалов фонд.
Аналитичарите велат дека заедно со пропагандни кампањи на социјалните мрежи, Русија рутински работи на инфилтрирање во институциите, не само на земјите од централна, туку и западна Европа, како што сугерираат неодамнешните апсења на наводни руски шпиони во Германија.
„Гледаме нешто што изгледа како активирање на програмите на Русија за да се поттикне напред продолжената рака на нејзините разузнавачки и безбедносни служби, за потенцијално да се подготви за вистински конфликт со самата Европа“, додава Кеир Гилс од „Чатам Хаус“.
Од Рига до Братислава, поранешните комунистички земји од источна и централна Европа - некогаш внатре во сферата на влијание на Москва - се соочуваат со зголемен притисок што ги оптоварува нивните општества внатрешно, притисок што предизвикува загриженост за иднината на демократијата во регионот.