Путин изрази сочувство до семејството на Пригожин

Рускиот претседател го опиша Пригожин како талентиран бизнисмен кого го познава од 1990-тите и рече дека истрагата за несреќата ќе потрае

Рускиот претседател Владимир Путин упати сочувство до семејството на Евгениј Пригожин денес, по падот на авионот на шефот на „Вагнер“ без преживеани.

Несреќата се случи два месеца откако тој ја предводеше побуната против началниците на армијата.

Двајца американски функционери изјавија за Ројтерс дека Вашингтон верува оти ракета земја-воздух која потекнува од внатрешноста на Русија најверојатно го соборила авионот, иако тие рекоа дека информациите се прелиминарни и се разгледуваат.

Тие зборуваа под услов да останат анонимни и не понудија докази.

Руските истражители отворија кривична истрага, но нема официјални информации од Москва за тоа што може да ја предизвикало несреќата во средата вечерта.

До коментарите на Путин, немаше официјална потврда за смртта на Пригожин, освен изјавата на воздухопловната управа дека тој бил во авионот.

Прекинувајќи го молкот, Путин го опиша Пригожин како талентиран бизнисмен кого го познава од 1990-тите и рече дека истрагата за несреќата ќе потрае.

Пригожин (62) беше шеф на платеничката група „Вагнер“ и самопрогласен непријател на армискиот врв поради, како што рече, некомпетентното водење на руската војна во Украина.

Путин претходно даде виртуелна изјава на самитот на земјите од БРИКС во Јужна Африка, на кој присуствуваше и неговиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров.

Ниту еден од нив не ја спомна авионската несреќа во која се вели дека загинале 10 лица.