Протест за скандалот на Онкологија: Крвави раце, барања за оставки, јајца кон Владата и кон Обвинителството

Учесниците побараа одговорност од актуелната власт, но и експедитивност од правосудните органи за целосно расветлување на случајот

Во дел од протестот учесниците оставаа отпечатоци од крвави раце пред Владата и пред Обвинителството. Неколкумина споделија и лични трауматични сведоштва за нивни блиски за кои рекоа дека ја изгубиле битката со ракот на Клиниката за онкологија

Со симболично крвави раце, бели мантили облеани во црвена боја, но и со барања за оставки и одговорност, како и со фрлања јајца кон зградите на Владата и на Јавното обвинителство помина денешниот протест за скандалот што деновиве ја тресе македонската јавност, а кој е поврзан со клиниката за Онкологија во Скопје.

На протестот присуствуваа неколку стотици граѓани. Дел од нив носеа и транспаренти на кои можеше да се видат пораки како „Убијци за профит“, „Колку вреди човечкиот живот“, „Крадци убијци“.

Имаше скандирања и барања за одговорност од актуелната власт, но и за експедитивност од правосудните органи за целосно расветлување на случајот.

Во дел од протестот учесниците оставаа отпечатоци од крвави раце пред Владата и пред Обвинителството. Неколкумина од учесниците споделија и свои лични трауматични сведоштва за нивни блиски лица кои ја изгубиле битката со ракот на Клиниката за онкологија.

Меѓу учесниците, во првите редови беше забележливо присуството и на активисти од партијата Левица, а се појави и нивниот партиски лидер, Димитар Апасиев.

Денешниот протест беше најавен преку социјалните,мрежи, а доаѓа реакција откако викендов МВР и Обвинителството почнаа претрес на Клиниката за онкологија во Скопје, откако домашни медиуми објавија дека таму се правела трговија на црно со скапи лекови против ракот, како и дека на некои пациенти им се давале половични или несоодветни терапии.

„Пациентите се безбедни и нема манипулација со терапијата, откако сме поставени на функциите“, уверуваа денеска министерот за здравство Фатмир Меџити и директорката на Клиниката за Онкологија, д-р Виолета Клисарова.

Дел од присутните на протестот споделија и лични трауми за нивните блиски кои ја изгубиле битката со ракот на клиниката

Тие соопштија дека во Клиниката биле сменети дел од протоколите, бил формиран колегиум кој одредува кој пациент каква терапија ќе прима и бил ограничен пристапот на лица до клиничката амбуланта.

SEE ALSO: МВР заплени компјутери и документација, Обвинителството истражува дали на Онкологија се крадела терапија од пациентите

Од Обвинителството пак соопштија дека сè уште се вршат претреси и се прибираат докази, издадени се наредби за вештачење и ќе биде формиран посебен стручен тим.

„Во континуитет се издаваат наредби и се обезбедуваат докази кои треба да ја проверат вистинитоста на наводите изнесени во новинарските истражувања објавени во последните недели. Соодветните наредби за анализа на одземените компјутери и компјутерски податоци при претресите се веќе издадени. Истражните органи вршат распити на сите лица кои имаат сознанија за противправни дејствија“, соопштија од Обвинителството.

Скопското обвинителство додава и дека ќе формира тим од стручни лица кои ќе ја анализираат медицинската документација за водење на пациентите и администрирање на терапијата.

Протест во Скопје за скандалот на Онкологија