Демократскиот кандидат за потпретседател Тим Волц ја поминал првата половина од својот живот во овој рурален дел на Небраска… на околу пет часа возење од најблискиот голем аеродром. Овде, силосите за жито, се нешто што често го гледате. Некои луѓе овде гледаат дел од себе во кандидатот за потпретседател.
„Кога ќе го видам на телевизија, не ме потсетува на политичар. Тој ме потсетува на омилениот наставник во училиште, бидејќи тој навистина инвестирал во својата заедница и неговите ученици. Тој навистина има висок морален компас и добри морални вредности“, вели Беки Потмесил, жителка на Алијанса.
Волц е роден во Вест Поинт, Небраска, а детството го поминал во Валентин, со население од 2.600 жители ... далеку од политиката.
„Ја следевме кариерата на Тим, претпоставувам малку од далечина. Овој чекор... веројатно не видовме дека доаѓа!“, вели Том Елиот, жител на Валентин.
Кога Волц бил тинејџер, дијагнозата на рак на белите дробови на неговиот татко го поттикнала семејството да се пресели 160 километри на север, поблиску до поширокото семејство.
„Пораснав во Бјут, Небраска, град со 400 жители. Имав 24 ученици во мојот клас во средното училиште“, вели Волц.
Членовите на семејството на Волц сè уште живеат во областа. Неговиот вујко, пензионираниот фармер Џером Рејман, вели дека планира да гласа за својот внук, но додава дека е малку загрижен дека малограѓанското дете, е премногу љубезно да се соочи со предизвиците на големиот свет.
„Тој беше просечно дете, мислам... тој беше добар човек. Сакаше спорт. Тим нема да биде доволно строг за Путин, тоа ме загрижува“, вели фармерот Џером Рејман.
Растејќи во руралниот Среден Запад, Волц станал страствен рибар и ловец, без да ја крие љубовта кон оружјето.
„Камуфлажата и ловот ја претставува Небраска, претпоставувам. И, во оваа трка тоа го користиме“, смета Барбара Критчет, демократка.
Следејќи ги стапките на неговиот татко, ветеран од Корејската војна, Волц се приклучи на Националната гарда на 17-годишна возраст, служејќи 24 години.
Но, за некои рурални гласачи, воената служба и историјата на поседување оружје на Волц, не значи дека тој ги дели истите вредности.
„Не, воопшто. Тој лаже. Правото за вториот амандман - нема да го одземам оружјето како што се обидуваат тие да ни направат нам!“, категоричен е Стивен Хол, жител на Валентин.
Волц, исто така, ги поддржува правата за абортус, што го става во судир со многумина во конзервативната Небраска, каде што некои цркви имаат споменици за неродените, а градовите се преполни со знаци против абортус.
„Најважното прашање за мене отсекогаш било про-животот. Кој и да е за живот, за него гласам. Тој нема да го добие мојот глас“, вели Мајкл Вартман, жител на Вест Поинт.
Волц дипломираше на државниот колеџ Чадрон, во град каде што поранешниот претседател Доналд Трамп се чини дека е популарен. Администрацијата на колеџот неодамна мораше да го симне неговото знаме од кампањата, откако некој го истакна покрај знамето на САД во кампусот.
Мајлс Банан, жител на Чадрон, вели дека локалните корени на Тим Волц не мора да значат и поддршка.
„Има многу семејства кои не зборуваат многу за политика бидејќи има многу несогласувања. Мислам дека има многу луѓе кои не мислат лошо за него, но тоа можеби нема да го промени начинот на кој тие ќе гласаат“, посочува Мајлс Банан, жител на Чадрон.
Некои овде велат дека Волц и дава „15 минути слава“ на руралната Небраска. Но, во оваа конзервативна американска држава, заедничките корени не се гаранција дека ќе гласаат за него.