Повисоките плати за функционерите почнаа да се исплаќаат, корекција на коефициенти нема да има

Решение според премиерот Ковачевски е нов Закон за плати но нема временска рамка за негово носење. За претседателот Пендаровски нема логика да се покачуваат плати на функционери кога се замрзнуваат ценои на прехранбени производи

СКОПЈЕ – Нема намалување на коефициенти, има зголемени плати, одлуката на Уставен суд мора да се почитува, решение ќе се бара со нов закон за плати за кој нема прецизен временски рок на носење. Вака премиерот Ковачевски се обиде да ја оправда Владата која не ги исполни најавите и не донесе измените во коефициентите за пресметка на плати на избраните и именуваните функционери откако Уставниот суд на 23 март укина два члена од Законот за плата и надоместоци на функционерите, и со тоа отвори пат кон зголемување на платите на околу 700 функционери за дури 78 отсто.

Повисока плата по новите пресметки први ја добија пратениците. Бидејќи се однесува на период од само 8 дена, од 23 до 31 март, на нивните сметки легна зголемување од 16 илјади денари. Деновиве повисока плата ќе добијат и останатите функционери.

Премиерот Ковачевски повтори дека Уставниот суд а не Владата ги покачила платите на функционерите и додаде дека токму Владата, пред уставните судии, дала негативно мислење за укунивањето на двете зкаонски одредби и го бранела ставот дека основицата по која се пресметуваат платите на функционерите треба да остане замрзната.

„Одлуката на Уставен суд е конечна. Тоа не значи дека автоматски ќе се покачат платите на сите именувани функционери. Владата работи на нов Закон за плати со кој ќе се стави конзистентност во исплкатата на плати за сите функционери во државата. Со синдикатите работиме и на нов Општ колективен договор со кој треба да се регулираат платите на работниците. Делот на коефициентите е дел од законско и системско решение за плати, носење на решенија кои не се базираат на анализи и правна и економска издржаност завршуваат како што заврши ова решение и падна на Уставен суд“, изјави премиерот Ковачевски.

Ковачевски додаде дека доколку Уставниот суд ги поништел двата члена наместо да ги укине на избраните функционери во изминатите 11 години ќе требало да им бидат исплатени од Буџетот разлики со камати во висина од 100 милиони евра.

Претседателот Стево Пендаровски останува на својот став – платите не смеат да се покачат и Владата мора да најде механизам да ги задржи на истото ниво. Смета дека е крајно некоректно кон граѓаните во време на криза и замрзнување на цени функционерите да добијат покачување на плати.

„Мојот став го знете. Мене ми е жал што повеќе носители на функции не го делат мојот став. Одлуката на Уставен суд мора да се почитува бидејќи непочитување на одлуката е кривично дело.Меѓутоа повикав и во мојата прва изјава на таа тема, Владата мора да направи се што е во нејзина моќ и надлежност, а има надлежности, платите на функционерите од мене па до локална самоуправа да останат на ова ниво на кое што се сега, со измена на коефицинети или измена на основица. Понинаку не може да излеземе пред очи на граѓаните и да им кажеме дека во оваа тешка ситација кога замрзнуваме цени на основни прехрамбени продукти ние си ги зголемуваме платите“, изјави претседателот Стево Пендаровски.

Она што останува нејасно е дали овие зголемувања на плати се предвидени во Буџетот или пак ќе мора да се направи ребаланс и доколку се случи тоа од која ставка ќе бидат повлечени средства за да може да се овозможи исплатата на повисоки плати.

Синдикатите не ја исклучуваат можноста за генерален штрајк доколку нема измени во пресметката на коефициентите и најавија дека во преговорите во Законот за плати во јавен сектор ќе бараат за административците да важи просчената плата како и за функционерите а не минималната како што сега се предлага.

Платите на функционерите се пресметуваат според коефициент кој зависи од позицијата и се движи од 2,2 до 4,5 а се опишани во член 12 од Законот за плати на избрани и именувани лица

Највисокиот коефициент – 4,5 го добиваат тројца претседатели - на државата, на Собранието и на Владата. Со овој коефициент се множи бруто платата во висина од 47.637 денари а нето би изнесувала околу 2.200 евра.

Со коефициент 4 се множи платата на претседателот на Уставен суд, потпретседателот на Собрание и потпретседателот на Влада а платата ќе изнесува околу две илјади евра.

Коефициентот 3,5 е за пратениците со што нивната плата ќе достигне до 1.750 евра

Новата министерска плата или платата на претседател на Врховен суд или на државниот јавен обвинител е околу 1.800 евра. За судиите и обвинителите се пресметува коефициентот 2,8 и платата ќе се движи во рангот на 1.400 евра додека кај градоначалниците ќе се множи со 2,7 и ќе изнесува нешто над 80 илјади денари.