Линкови за пристапност

Платите на функционерите се зголемуваат за 78 отсто


Одлуката на Уставниот суд предизвика бурни реакции во јавноста. Од Владата на став дека автоматски нема да се покачат платите на именуваните лица и дека се разгледува можноста, во законски рамки, за намалување на коефициентите за пресметка на плата


СКОПЈЕ - Далеку повисоки плати од следната недела ќе бидат исплатени на именуваните државни функционери односно министрите и нивните заменици, директорите и нивните заменици, премиерот, претседателот судиите... 78 отсто е покачувањето кое се овозможи откако Уставниот суд донесе одлука со која укинуваат два члена од Законот за плата на функционерите.

Одлуката беше донесена на 21 март и со неа се укинуваат два члена од Законот за изменување и дополнување на Законот за плата и други надоместоци на избрани и именувани лица во Република Македонијасо кои досега се одредувал фиксен износ на плата кој потоа служел како основа за определување на платите на функционерите согласно коефициетите за работното место по кои се множат и отсегакако основица се зема сумата на просечната плата исплатена минатата година според Државниот завод за статистика (ДЗС).

Од судот велат дека одлучувале по уставност на оспорени одредби а не за покачување на плати. За кусиот временски рок по кој е разгледан предметот и донесена одлуката нема одговор.

„ Уставниот суд не е орган кој одлучува за зголемување или намалување на плата, или одредување проценти и пресметки туку единствено оценува уставност на оспорени одредби, па согласно ова погрешно е и неосновано тврдењето дека со своја одлука Судот зголемил или намалил плати на именуваните и избраните лица, за што е надлежно Собранието преку донесување закон, каков што е законот во кој беа содржани укинатите одредби“, соопштија од Уставен суд.

Одлуките на Уставниот суд мора да се почитуваат е ставот на Владата. Сепак оттаму велат дека нема автоматски да се покачат платите на сите функционери и дека се работи на можноста за кратење на коефициентите при пресметка на платите. Тие биле против укинувањето на двата члена а министерството за труд и социјална политика дало негативно мислење.

„Иако основицата за пресметување плата согласно одлуката на Уставниот суд се зголемува, Владата конкретно ги разгледува можностите за намалување на коефициентите за пресметка на плата кај именуваните лица за кои има законска можност, а со цел да не се оптовари буџетот. Апелираме и до останатите чинители да го направат истото, во рамките на своите законски овластувања Дополнително, во моментов се работи на решение за Општ колективен договор и Закон за плати со кој ќе се направи системско решение за платите во јавниот сектор и ќе се обезбеди континуиран раст согласно утврдена методологија“, стои во владиното соопштение.

Околу новите измени прв се огласи претседателот Стево Пендаровски кој оцени дека во овој момент е невскуно да се зголемат платите вклучувајќи ја и неговата.

„Сметам дека е невкусно во време на економска криза да се покачуваат платите кои се исплаќаат од државниот буџет“, изјави претседателот Пендаровски за МИА.

Шефот на дипломатијата Бујар Османи изјави дека платите на функционерите се ниски и треба да се покачат, тоа би било и како механизам во борбата против корупцијата, но нагласи дека функционерите треба да бидат последни кои би добиле повисоки плати.

„Секој политичар кој што ќе каже дека не му е важна платата, тоа не е добра порака, бидејќи веројатно има друг извор. Јас немам друг извор за живеење освен оваа плата. Се разбира дека секој би сакал да има поголема можност, но од етички аспект мислам дека политичарите треба да бидат последните на листата на граѓани кои што треба да имаат зголемување на платите. Да, треба, затоа што се скандалозно мали, меѓутоа, треба да бидат последни на листата откако на сите ќе им се зголемат тогаш на политичарите“, изјави Османи.

За експертите има две дилеми, дали сега е момент да се покачат платите и дали само на фукнционерите а не и на сите во јавниот и приватниот сектор.

„ Мислам дека одлуката на Уставен доаѓа во многу лошо време кога Владата одбива да покачки плати во јавен сектор, има штрајкови и протести. Покачувањето како прво не е фер, а според мене е безобразно и непотребно. Владата повторно само крева раменици и тврди дека не е надлежна. Но не е така, може да покже доблест и да ги смени тие закони и да се направи селекција кој ќе има повисока плата. Не треба да бидеме против 80 отсто повисоки плати за било кој. И оние што имаат 300 евра треба да имаат двојно повисока. Револтот треба да биде насочен што други не добиле а не тие што добиле“, изјави Бранимир Јовановиќ, економски експерт.

Тој смета дека покачувања на платите во јавниот сектор се само симболични.

Бранимир Јовановиќ
Бранимир Јовановиќ

„Владата треба да ги покачи платите во јавниот сектор не симболично за две илјади денари, туку барем 10 отсто. Инфлацијата е 14 отсто и да биде барем прилближно како инфлацијата и на крајот од годинава да има уште едно покачување колку што е инфлацијата во 2023 година“, смета Јовановиќ и додава дека дека пари во Буџетот за новите плати има бидејќи платите на јавниот сектор тежат околу 20 отсто од Буџетот.

Од УПОЗ кои веќе неколку дена протестираат пред Владата барајќи повисоки примања се крајно незадоволни како и лекарската фела која доби покачување на платите од две то три илјади денари.

XS
SM
MD
LG