„Мајка ми беше брилијантна, висока, обоена жена со акцент“, беа зборовите со кои Камала Харис, демократската претседателска кандидатка, се претстави пред сипатизерите.
Во 1964 година, започна приказната на Камала Харис во Сан Франциско. Нејзините родители имигранти, Шјамала Гопалан од Индија и Доналд Харис од Јамајка, се сретнале во Беркли, Калифорнија, каде што двајцата напредни дипломирани студенти пристигнале да продолжат да студираат на Универзитетот во Калифорнија.
Беркли од 1960-тите беше центар на борбата за граѓански права и мировниот активизам. Харис рече дека нејзините најрани сеќавања се кога била носена на митинзи во детска количка.
До 1970 година, бракот на нејзините родители завршил. Шјамала Гопалан, со своите две ќерки, нашла стан за изнајмување во сиромашна област недалеку од Беркли.
„Тие живееја над дневниот центар во Шелтон во скромен стан со две спални соби и едно купатило“, објаснува нејзината пријателка од детството, Керол Портер.
Со Харис првпат се сретнале на училишната автобуска станица.
„Ние бевме во вториот клас, дел од де-се-гре-гираните државни училишта во Беркли“, додава Портер.
Харис продолжила на Универзитетот Хауард, а потоа на Правен факултет.
Во време кога рекордно ниво на црнци беа затворени во Калифорнија, таа се вработила како јавен обвинител, професија која често се гледала негативно во заедницата на Афроамериканците.
„Таа сакаше да ги промени работите за луѓето да не се гонат врз основа на системски и структурен расизам“, вели Портер.
Во 2002 година, Харис влезе и победи во трката за окружен обвинител во Сан Франциско.
„Никогаш немало жена окружен обвинител. Таа беше навистина аутсајдер, но од почетокот имаше нешто многу посебно во неа“, посочува Андреа Стил, основачка на фондацијата Emerge.
Харис победи во тесната трка и се заложи за зголемување на пресудите и затворската казна за насилниците, додека ги форсираше осудените за првпат во ненасилни злодела кон нејзината програма за рехабилитација, наречена „Враќање кон вистинскиот пат“.
Беше избрана за државен обвинител на Калифорнија во 2010 година. Ги притискаше американските банки да вратат повеќе од 20 милијарди долари поради измамничките пракси на давање заеми, отвори војна против прекуграничната трговија со дрога и трговците со луѓе и се залагаше за брачна еднаквост.
Во 2016 година, Харис беше избрана во Сенатот, каде што брзо се издигна како моќен глас за прашањата на имиграцијата, здравствената заштита и реформите во кривичната правда.
Позната по нејзиното остро испрашување за време на сослушувањата и нејзината способност да бара одговорност од моќните лидери, Харис стана истакната фигура на националната сцена во Америка.
Но, во трката за претседател во 2020 година, кампањата на Харис се бореше да најде смиреност, среде хаосот.
„Дефинитивно имаше приказни за голема промена на персоналот, неможност да ги задржи талентираните луѓе во нејзината политичка орбита“, раскажува Гил Дурам, поранешна соработничка на Харис.
Бајден ја доби номинацијата и на крајот побара од Харис да се приклучи во трката како негов избор за потпретседателка. Двајцата продолжија до победата, што ја направи првата жена и првата обоена личност што ја освои таа функција.
Соочена со напливот на мигранти кои се обидуваат да ја преминат јужната граница на САД, потпретседателката Харис се ангажираше со регионалните лидери за справување со нестабилноста и сиромаштијата.
Таа брзо стана мета на политички напади...
„Таа требаше да биде задолжена за обезбедување на нашата граница. Не знам ни дали воопшто била на границата“, вели Кејти Вилмонт, поддржувачка на Трамп.
Харис се издигна и наметна како емисар на светската сцена, нагласувајќи ја улогата кон смирување на тензиите.
И во кариерата дефинирана со кршење на бариерите и надминување на очекувањата, Харис повторно се издигна, станувајќи демократски кандидат за претседател на САД, кога Џо Бајден неочекувано се откажа од трката.