Порака од ЕУ во пресрет на Самитот за Западен Балкан

Your browser doesn’t support HTML5

„Проширувањето кон Западен Балкан е најважната геополитичка инвестиција што може да ја направиме“ – тоа е пораката од новите европски институции до регионот во пресрет на самитот ЕУ – Западен Балкан. За очекувањата од Самитот, Владимир Мирчески од Скопје.

„Иднината на Западен Балкан е во Европската Унија. ЕУ е сериозна кон своите обврски. Ова не се само празни зборови, ние инвестираме во мир и просперитет за сите луѓе на Западен Балкан. Инвестираме во заедничка иднина.“, изјави Антонио Кошта, претседател на Европскиот совет.

Оваа изјава на социјалните мрежи претседателот на Европскиот совет ја завршува со тоа дека во овие несигурни времиња, повеќе од кога и да било потребно е да се работи заедно.

Според неофицијални информации се очекува од Самитот да произлезе декларација во која ќе се потврди дека проширувањето е инвестиција во мирот, безбедноста и стабилноста и дека е во интерес на самата ЕУ да има забрзување во пристапувањето врз основа на постигнувањата на секоја од државите.

Земјава во Брисел ќе ја претставува делегација која ќе ја предводи премиерот Мицкоски. Тој повтори дека оди со познатите позиции кои и пред две седмици ги изнесе пред лидерите на ЕУ, дека нема отстапување и дека за иницијативата за уставни измени со одложено дејство пак ќе побара поддршка од европските лидери.

„Сега вака вели Бугарија, видете дечки, сега вие ќе го отворите процесот со тоа со што се сложивте, но за отоврање на првиот кластер пак треба да зборуваме за малцинските прашања и тука, оп, пак вето зашто така решил некој политички маргиналец. Или ќе го поставиме процесот на вистински шини или ќе бидеме жртва на процесот, тоа е тоа.“, изјави премиерот Христијан Мицкоски.

Непосредно пред изјавата на премиерот, Максим Димитриевски, неговиот коалициски партнер, ја обелодени платформата на неговата ЗНАМ за национално единство и дефинирање на македонските национални црвени линии. Во документот, кој има девет точки, еден од клучните елементи е дека пристапувањето кон ЕУ не смее да биде процес на притисок.

„Собранието го реафирмира пристапувањето на земјата во Европската унија како врвна државна, национална и стратешка цел, со исполнување на Копенхашките критериуми во целост, под еднаков начин и услови под кои се придружиле и сегашните земји-членки на Унијата. Собранието потенцира дека никој не смее да разговара или преговара за влез во Унијата под какви било притисоци, закани или условувања, на внатрешен и надворешен план. Сите такви обиди или дејствија Собранието беспоговорно ќе ги отфрли и јавно ќе ги осуди како антимакедонски и антидржавен чин.“, оцени Максим Димитревски, претседател на ЗНАМ.

Од ЗНАМ се надеваат на поддршка за платформата и од другите партии, вклучувајќи ги и коалициските партнери во владата без кои овој документ не би можел да помине во Собранието.