Десетици знамиња, гуми, чинии, дури и чевли - пензионираниот американски маринец од Калифорнија Џери Пиани го има името на Доналд Трамп на речиси сè што поседува. Поддржувајќи го Трамп како аутсајдер од политичката елита на Вашингтон, Пиани се залагаше за републиканскиот кандидат во последните осум години.
„Какво олеснување ми беше во градите, бидејќи без тоа нема друго место да се оди. Ова е последниот бастион што го добивме. Америка е единственото место што го имаме. Каде на друго место можеме да одиме за да имаме слобода каква што имаме овде. Имаме Устав. Ова беше многу важно за нас“, вели Џери Пиани, поддржувач на Трамп.
Поддржувачите на Трамп во Лос Анџелес изминатиов викенд ја славеа победата, исполнета со врева и знамиња во паркот Грифит, булеварот Холивуд - дури и пристаништето Санта Моника.
Калифорниската републиканска двојка Ребека и Роланд Кејси чувствуваат радост измешана со тага: тие тагуваат по двајцата внуци и братучедот на Роланд, кои неодамна починаа од предозирање со фентанил.
„Тоа убива многу Афроамериканци, и не само нив, туку и моето семејство. Тие беа тројца членови на моето семејство, кои многу ги сакам, кои ги одгледав, а сега веќе не се тука поради фентанилот што доаѓа од Кина преку Мексико во САД. Знаеме дека границите мора да се затворат, а вие мора да имате безбедни граници, бидејќи ако немате, тогаш немате ниту нација“, вели Роналд Кејси, поддржувач на Трамп.
Ребека Кејси вели дека се надевале дека Трамп ќе биде избран во 2020 година.
„Знаеме дека тоа мораше да се случи на овој начин. Тој беше претседател четири години, и навистина верувам дека мораше да се разоткријат многу работи, а Господ му даде малку одмор, но тој и тогаш не мируваше. Го следиме на секој чекор“, вели Ребека Кејси.
Гувернерот на Калифорнија, Гевин Њусом, минатата недела побара од законодавниот дом на државата да го зголеми легалното финансирање за одбрана на Калифорнија од потенцијалните напади на Белата куќа на Трамп врз правата за абортус, регулативите за електрични возила, имиграциските политики и федералната помош при катастрофи.
Мишел, друга поддржувачка на Трамп, која, и покрај победата на нејзиниот кандидат, не сакаше да го каже своето презиме, плашејќи се дека тоа може да влијае на нејзината работа во холивудската естрада, рече дека верува дека повеќе жители на Калифорнија би можеле да ја изберат Републиканската партија на следниот изборен циклус.
„Штом ќе дојде на функцијата, навистина на функцијата, мислам дека многу луѓе ќе го живеат својот најдобар живот“, вели Мишел.
На претседателските избори во 2020 година, 63,5 отсто од Калифорнија гласаа за демократскиот кандидат Џо Бајден наспроти 34,3 отсто за Трамп. Во 2024 година, Харис доби 58,2%, а Трамп 38,9%. Последен пат републикански претседателски кандидат победи во Калифорнија Џорџ Х.В. Буш во 1988 година.