Поддршката од САД за Северна Македонија останува и по промената на администрацијата, сметаат експертите

Според домашни познавачи на политичките и економските состојби, поддршката од САД за Северна Македонија ќе продолжи и со новата администрација во Белата куќа.

Што ќе донесе изборот на Доналд Трамп за претседател на САД за Северна Македонија и Западен Балкан и дали треба да се очекува различен курс од новата администрација или пак поддршката за регинот и пред сè за нашата држава ќе остане или ќе се засили, се прашањата поставувани во домашната јавност

СКОПЈЕ - Аналитичарите се децидни дека поддршката за Македонија нема да запре, а евроинтеграциите, трговијата и економијата ќе бидат приоритет. Сепак дали и кога фокусот ќе се сврти на регионот останува да се види.

„Генералната политика на САД кон Балканот нема да се смени и ќе продолжи притисокот за забрзана евроинтеграција на Западен Балкан, но алатките како тоа ќе се случи и играчите преку кои тоа ќе се остварува може да се сменат. Најголемата разлика меѓу Трамп и Харис e што едниот го смета Орбан за негов најважен партнер во регионот, додека Харис сметаше дека Орбан не смее да биде вклучен во стратешкото влијание на регионот и тоа е клучната разлика која ќе се случува тука. Геополитички, некакво смирување во Украина може да направи промени во геостратешките инвестиции кои Македонија ги прави. Може да има некакви поместувања, но генералниот курс ќе остане. Не верувам дека притисокот за евроинтеграции ќе се намали, но може да се случи некои патеки до тоа да водат преку Унгарија“, вели аналитичарот Петар Арсовски.

Кога станува збор руското влијание во Северна Македонија и регионот, аналитичарите сметаат дека стабилизација на регионот ќе биде цел на администрацијата на Трамп, но не и примарна.

Петар Арсовски аналитичар

„Стратешкиот интерес на САД е овој регион да се стабилизира и да стане дел од Европа бидејќи така Европа станува подобар пазар за американските производи. Не е невозможно Трамп во својот манир да го напушти Балканот на извесно време додека се фокусира на примарна цел, а тоа е да ја направи повторно Америка голема“, заклучува Арсовски.

Развојот на економијата и зголемување на трговската размена е очекуван чекор кога станува збор за политиката на Трамп, смета универзитетскиот професор Абил Бауш.

Абил Бауш, универзитетски професор

„Во минатото, администрацијата на Трамп покажа прагматичен пристап, што во овој случај би значело поддршка на приватниот сектор и економски иницијативи преку инвестиции и трговски договори. Во поглед на Северна Македонија, можноста за привлекување на американски капитал може да има позитивни ефекти за нашата економија, особено во секторите на дигитална трансформација, инфраструктура и енергетика. Но, истовремено, потребно е внимателно да се анализира колку овие потенцијални инвестиции ќе имаат вистински ефект врз локалното население и дали ќе создадат стабилни и одржливи работни места. Но, со зголеменото влијание на САД можат да се зголемат тензиите со други економски партнери, особено со ЕУ, која е традиционален инвеститор и партнер. Поради тоа, Македонија треба да ја користи секоја прилика за дипломатско посредување, стремејќи се кон балансиран пристап во својата надворешна економска политика“, вели Бауш.

Со развојот на економијата и трговијата се отвoра можност за значително зајакнување на економските врски меѓу Северна Македонија и Соединетите Американски Држави, нагласува Бауш.

Од кампањата на Доналд Трамп, пред изборите, за Гласот на Америка на македонски јазик изјавија дека надворешната политика на Трамп кон Западен Балкан ќе се фокусира на трговски партнерства и економски можности.

„Белата куќа предводена од Трамп нема едноставно да турка широкогради изјави за демократијата. Ќе донесе вистински, одговорни резултати преку директно работење со локалните лидери и луѓето во регионот“, изјави Христос Марафацос, заменик-претседавач со Националната коалиција за различности на реизбраниот претседател Трамп.