Обраќајќи се пред учесниците на собирот Иванов истакна дека само со прифаќањето на оваа идеја Југоисточна Европа ќе го најде своето вистинско место во системите на колективната безбедност и одбрана, а само така Европа ќе биде вистински стабилна и потсети дека соработката во областа на безбедноста се темели врз споделени вредности, интереси и приоритети и оти континуирано и посветено се надградува преку заедничките обврски, задачи и одговорности.
„Пред една деценија на Балканот се роди нов дух на соработка. Напредувајќи кон интеграциите, Балканот престана да биде хроничен извозник на нестабилност и наместо тоа, градејќи ја својата безбедност, стабилност и градејќи го сопствениот мир, се трансформира во активен придонесувач кон регионалната и пошироката безбедност и стабилност“, рече командантот на вооружените сили Иванов.
Тој рече дека балканските лидери во изминатите десет годинисвртиле нова страница од заедничката историја.
„Во услови на нови глобализирани ризици само здружени можеме да ја браниме безбедноста на нашите земји“, рече претседателот Иванов.
Според началникот на Генералштабот на АРМ, генерал-потполковник Мирослав Стојановски, форумот во Охрид претставува одраз на заедничките напори за зајакнато партнерство според стратегискиот НАТО концепт, како и остварување и промоција на одржливата регионална безбедност и стабилност. Токму затоа, рече тој, собирот во Охрид се вреднува како исклучителна алатка за регионално интегрирање на националните способности и капацитети и зголемена поддршка кон взаемната кооперативна безбедност.
Заедничките напори ќе го подобрат степенот на одбранбена подготвеност и ќе ги унапредат способностите и капацитетите за одговор на вонредни околности и кризи, смета Стојановски.
На Балканската конференција учествуваат претставници на вооружените сили на Македонија, Албанија, Босна и Херцеговина, Бугарија, Грција, Романија, Србија, Турција и Црна Гора. Гости на собирот се заменик-претседавачот на Воениот комитет на НАТО, командантот на Здружената команда на НАТО во Неапол, заменикот на директорот за планирање на командата на силите на САД во Европа, заменикот на НГШ на ВС на Словенија и заменикот на НГШ на ВС на Хрватска.