Обама: Светот се потпира на американската моќ

Во говор во Вест поинт ја изложи надворешнополитичката визија за до крајот на претседателскиот мандат.
Барак Обама вели дека американскиот изолационизам не е опција, но и дека не секој проблем има армиско решение. Американскиот претседател го искористи денешниот говор во Вест поинт, во чест на дипломците од американската армиска академија, за да ја изложи својата надворешнополитичка визија за преостанатите години што ќе ги мине во Белата куќа.
​Тој рече дека тероризмот останува најдиректна закана по американската безбедност и повика на партнерство со земјите каде терористичките мрежи се обидуваат да фатат корен. Според Обама, Вашингтон никогаш не треба да бара дозвола да ги заштити своите луѓе и татковината, но тој кажа дека „прагот за армиска акција мора да биде повисок“ кога се во прашање глобални проблеми што не претставуваат директна закана за САД.

„Во такви околности, не треба сами да појдеме. Наместо тоа, мора да ги мобилизираме сојузниците и партнерите за една колективна акција. Треба да ги прошириме нашите средства, за да вклучат дипломатија и развој, санкции и изолација, повикување на меѓународното право и - само доколку е потребно и ефикасно - мултилатерална армиска акција. Во такви околности, треба да соработуваме со другите, бидејќи е поверојатно дека колективната акција во тие околности ќе успее“, рече Обама.

Тој предложи фонд од пет милијарди долари за помош на земјите во борбата против тероризмот и зајакнување на финансиите за разузнавање, набљудување, извидување, специјални операции и други активности на Одделот за одбрана.

Обама наведе дека американските активности во рамки на меѓународните организации, од НАТО, па се` до Меѓународниот монетарен фонд, континуирано покажуваат дека САД се незаменлива нација.

Говорот на Обама дојде во време кога тој е мета на критики на стручњаци за надворешна политика за начинот на кој одговори на повеќе проблеми, од граѓанската војна во Сирија, па се` до политичката криза во Украина. Во говорот во Вест поинт, Обама вети дека ќе ги зајакне мерките за поддршка на сириските соседи - Јордан, Либан, Турција и Ирак, како и дека ќе работи со Конгресот за да ја зајакне поддршката за „оние во сириската опозиција кои нудат најдобра алтернатива на терористите и бруталниот диктатор“.

Во однос на Украина, Обама кажа дека американската способност да го образува светското мислење помогнала за брза изолација на Русија.

„Поради американското лидерство, светот веднаш ги осуди руските постапки. Европа и Г-7 ни се приклучија во воведувањето на санкции. НАТО ја реафирмираше нашата заложба за сојузниците од Источна Европа. ММФ помага во стабилизирањето на украинската економија. Набљудувачите на ОБСЕ ги свртеа очите на светот кон нестабилните делови на Украина, а оваа мобилизација на светското мислење и меѓународните институции послужи како противтежа на руската пропаганда, руските сили на границата и вооружените, маскирани паравоени групи“, потенцираше Обама.