Линкови за пристапност

САД нагло ќе го намалат бројот на војници во Авганистан


Обама во говор во Вест поинт ги зацртува идните надворешнополитички цели.

Се очекува американскиот претседател Барак Обама да се задржи на своите надворешнополитички цели во денешниот говор во Воената академија Вест поинт во Њујорк.

Обраќањето на претседателот пред дипломците во Вест поинт доаѓа само еден ден откако тој изложи детали на планот за намалување на американските сили во Авганистан по завршувањето на борбениот дел на мисијата кон крајот на оваа година. Обама рече дека е време да се заврти нов лист по една деценија во којашто голем дел од американската надворешна политика беше фокусирана на војните во Авганистан и Ирак. Тој рече дека на почетокот на 2015-та, во Авганистан ќе останат 9.800 американски војници, како и дека тој број ќе се намали на помалку од 1.000 до времето кога ќе замине од претседателската функција во јануари 2017-та.

На денешното гостување на ТВ-мрежата НБЦ , државниот секретар Џон Кери реагираше на критичарите на одлуката на Обама, велејќи дека повлекувањето не значи дека Авганистан ќе биде напуштен, туку дека и` се дава моќ на земјата. Авганистанците сакаат да преземат контрола врз сопствената земја, рече Кери.

Меѓу скептиците, аналитичарот за Јужна Азија од корпорацијата Ранд, Артуро Муњоз, во интервју за Гласот на Америка кажа дека постои загриженост дека релативно наглото повлекување би можело да ги остави Авганистанците ранливи.

Претседателот Обама, пак, рече дека Авганистанците во наредните две години ќе преземат поголема обврска за својата безбедност, додека Американците ќе играат советодавна улога.

Во Авганистан во моментов има 32.000 американски војници,а во екот на војната бројката нарасна на рекордни 100.000.
XS
SM
MD
LG