Посетата на помошникот - државен секретар на САД за европски и евроазиски прашања Џејмс О`Брајан на Скопје е силна порака за подршката која официјален Вашингтон ја дава на Северна Македонија, но и на регионот, велат експерти.
Димитар Николовски, извршен директор на Евротинк вели дека О`Брајан ги повторил американските политики во однос на клучните прашања во регионот на лидерскиот состанок посветен на планот за раст на Западен Балкан од страна на ЕУ.
„И беше присутен за да се прикаже како моќен и клучен партнер на ЕУ во регионот за имплементирање на нивните политики и за помош на регионот и на земјите да надминат некои од овие прашања“, вели Николовски.
Посетата дооаѓа во време кога земјава е пред одржување на парламентарни и претседателски избори, но и кога власта и опозицијата не можат да се усогласат околу уставните измени.
Your browser doesn’t support HTML5
„Беше доста експлицитен во однос на престојните избори во Македонија и би рекол дека даде подршка на оние кои покажуваат јасна проевропска слика со одреден план. И тука имаше одредена критика за ВМРО-ДПМНЕ дека тие го кочат процесот, а не покажуваат никаков конкретен план, за тоа како би ги надминале разликите, т.е секако горливото прашање за промена на Уставот кај нас“, вели тој.
Професорот по безбедност Никола Дујовски, посетата на американскиот дипломат ја гледа низ призмата на безбедноста.
Вели дека таа е јасен сигнал со кого земјава соработува во изминатите три децении и гради партнерски однос.
„Неговите пораки беа повеќе од јасни. Факт е дека Македонија треба да го продолжи патот кон ЕУ и тоа беше најсилната порака што тој ја даде. Јасно е зацртан патот по кој државата треба да оди. Градејќи ги безбедносните институции мора да бидеме свесни дека во изминатите децении ние вложивме многу. И капацитети и напор и човечки потенцијали, меѓутоа добивме и значителна помош и подршка и во материјално технички ресурси но и во знаење и во партнерство што значи размена на информации, заштита на безбедносниот простор“, рече Дујовски.
Најважно, според него, е земјава да продолжи да гради институции кои ќе имаат отпорност кон се посериозните закани за безбедноста, и во регионот и на европскиот континент.
„Во ваквиот развој на настаните многу е важно да имаме јасен пат по кој Македонија ќе продолжи да се движи кон Европа и како ќе ја продолжиме соработката со Америка со ЕУ и со сите земји од ЕУ поединечно. Затоа е многу е значајно да се разберат на вистински начин овие пораки, кои доаѓаат не само од О`Брајан, туку и од сите други кои беа тука за да дискутираат за безбедноста на регионот“, смета Дујовски.
О`Брајан од Скопје порача дека САД очекуваат да се задоволат интересите на граѓаните на Западен Балкан и владите да имаат поблиска интеграција со Европа, и испрати силна порака за поддршка евроинтеграцискиот процес да продолжи до целосно членство во ЕУ.