Линкови за пристапност

Ковачевски: Некој поради личен интерес и агенда реши да ни ја повтори 2008 


Панел-дискусијата на тема „Проширувањето на ЕУ – нови можности, стари ризици“
please wait

No media source currently available

0:00 0:03:51 0:00

Панел-дискусијата на тема „Проширувањето на ЕУ – нови можности, стари ризици“.

Северна Македонија да го искористи прозорецот во проширувањето подотворен со големите геополитичи поместувања кои во изминатите две години сериозно ја потресоа Европа - ова се наметна како еден од заклучоците на панел-дискусијата „Проширувањето на ЕУ – нови можности, стари ризици“. Владиниот врв и првите „играчи“ во евроинтеграциите, кои учествуваа на дебатата, жалат што земјата ја испушти оваа декемвриска шанса на минатонеделниот самит на Унијата во Брисел. Но, премиерот кој догодина се соочува и со избори, е оптимист дека пречката – уставните измени, и покрај противењето на опозицијата, ќе биде надмината.

Геополитичкиот момент е таков што ЕУ конечно сфати дека не може да напредува, ако не се проширува.
Димитар Ковачевски, премиер

„Каде е проблемот? Проблемот е што некој поради личен политички профит и своја агенда сакаше да ја повтори 2008 година и успеа во тоа. Разбирам дека не сакате нешто да направите, но да кажете која е алтернативата. Овде нема алтернатива. Не постои. Затоа не треба да ги зачудува фактот дека кога ќе дојде втор човек во Стејт департментот и кој ќе каже дека од такви луѓе ни кола не би купил, зашто не даваат алтернатива. Што понатаму? Не треба да бидеме дефетисти, зашто процесот не е завршен и тој процес ќе продолжи и ќе заврши. Геополитичкиот момент е таков што ЕУ конечно сфати дека не може да напредува, ако не се проширува“, рече премиерот Димитар Ковачевски.

Првиот во ресорот евроинтеграции направи паралела меѓу 2019 и 2023. Пред 4 години, како што вели Маричиќ, Македонија добивала аплаузи за сработеното во реформите, но тогаш тие ракоплескања, поради други причини, не се ефектуираа со старт на преговори.

„Сите тие аплаузи не донесоа резултат со отворање на преговорите поради поради недостаток на геополитички момент – заради одлуката на Франција дека прво треба да се оди на реформа на методологијата. Оваа година имавме чиста ситуација да бидеме звезди минатата недела во Брисел заедно со Украина, но тоа не се случи зашто немаше гласање во Собранието за уставните измени“, рече Маричиќ

Советите на дел од говорниците од други земји, со долг стаж во ЕУ, се дека сега е моментот што треба да се искористи.

„Агресијата на Русија врз Украина стави крај на ситуацијата што постоеше во периодот по Студената војна. Ако бев циничен досегашното искуство на преговори меѓу ЕУ и Западен Балкан ќе го сумирав како ситуација во која Унијата се преправа дека преговара за проширување, а дека повеќето земји од Балканот се преправаат дека се реформираат“, рече претседателот на ЕЛИАМЕП, Лукас Цукалис.

Има стравувања дека одлуката на ЕУ за почеток на преговори со Украина и со Молдавија можеби значи дека Брисел го трга фокусот од Западен Балкан.

„Добрата вест денеска е околу тезата за геополитиката и проширувањето нема дилеми во ЕУ, лошата вест е дека за нас во С. Македонија и за Балканот тоа не е доволно, зашто кога ќе се каже геополитичко проширување асоцијацијата е повеќе кон исток, отколку на југоисток“, рече претседателката на Политикум, Радмила Шекеринска, поранешна вицепремиерка.

XS
SM
MD
LG