Глобалната нуклеарна индустрија потресена од катастрофата во Јапонија

Глобалната нуклеарна индустрија потресена од катастрофата во Јапонија

Додека властите работат на справување со проблемите од јапонската нуклеарна централа во Фукушима, тамошната ситуација ги поттикнува државите во светот да ја преиспитаат безбедноста на нивните постоечки нуклеарни централи и плановите за градење нови атомски објекти.

Германската канцеларка Ангела Меркел соопшти тримесечна ревизија на плановите за продолжување на оперирањето на 17-те нуклеарни централи во државата.

Централите требаше да бидат постепено затворени до 2021, но владата на Меркел минатата година одлучи да ги држи отворени за уште 12 години.

„Знаеме колку се безбедни германските нуклеарни централи. Но исто така е вистина дека не може да ја игнорираме важноста на нуклеарната енергија како премостлива технологија, доколку сакаме да продолжиме да ја покриваме сопствената конзимација на енергија како најголема економија во Европа и доколку сакаме да ја почитуваме заштитата на климата“, рече таа.

Швајцарија го суспендираше процесот на одобрение за три нуклеарни централи, за преиспитување на безбедносните стандарди. Индија исто така нареди безбедносни инспекции за сите свои нуклеарни централи.

Кинеските претставници велат дека има лекции во тоа што се случи во Јапонија, но дека тоа нема да влијае на темпото на плановите на државата за изградба на нови реактори. Кина агресивно ја проширува својата нуклеарна индустрија.

Стручњаците од оваа индустрија велат дека експлозиите во три реактори во Јапонија сериозно ќе влијаат на, како што многумина ја нарекуваат, нуклеарната ренесанса, или свртувањето кон нуклеарна енергија како алтернатива на фосилните горива. Светската нуклеарна асоцијација што промовира нуклеарна енергија, вели дека се планирани или се преуредуваат 155 нуклеарни реактори, од кои најголем дел се во Азија. Сепак, од таму велат дека е рано да се предвиди каков ефект Јапонија ќе има на целата нуклеарна индустрија, зашто причината не е дизајнот или човечка грешка, туку природна несреќа, што не е предвидливо.

Австралиската премиерка децидно кажа дека на нејзината земја не и` е потребна нуклеарна енергија зашто има други видови алтернативна енергија.

САД не отвориле нова нуклеарна централа од несреќата во Пенсилванија, во објектот Остров од три милји, во 1979.

Зборувајќи на прес-конференција во Белата куќа во понеделникот, заменик секретарот за енергија Даниел Понман кажа дека нуклеарната енергија во САД чини 20 проценти од американската енергетска продукција и дека таа мора да биде дел од националната политика за чиста енергија.

Претседателот Барак Обама бара десетици милијарди долари владини заемски гаранции за изградба на нови американски нуклеарни централи.