Се очекува израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху да се обиде да ја зајакне поддршката за израелската војна против Хамас, за време на денешното обраќање пред американскиот Конгрес.
Посетата на Нетанјаху доаѓа во услови на притисок дома да обезбеди ослободување на заложниците, кои Хамас сè уште ги држи во појасот Газа, како и политичката неизвесност за главниот сојузник на Израел, САД, пред претседателските избори во ноември.
САД, Египет и Катар со месеци се обидуваат да посредуваат за прекин на огнот меѓу Израел и Хамас што ќе вклучи пауза во борбите, ослободување на заложниците и зголемување на хуманитарната помош во Газа.
Тие напори не успеаја да доведат до договор, додека борбите продолжуваат во Газа и опстојува заканата од поширок регионален конфликт со судири долж границата меѓу Израел и Либан и јеменските милитанти Хути, кои напаѓаат бродови во Црвеното Море.
Нетанјаху рече дека ќе бара двопартиска поддршка за Израел.
Неговото појавување во Вашингтон поттикна поделба меѓу демократите и републиканците, при што голем број демократи рекоа дека ќе го бојкотираат обраќањето на Нетанјаху.
Претседателот на Претставничкиот дом Мајк Џонсон, кој го покани Нетанјаху да зборува, го критикуваше отсуството на потпретседателката Камала Харис како „неоправдано“.
Харис патува на предизборен настан неколку дена откако претседателот Џо Бајден објави дека повеќе нема да бара реизбор.
На обраќањето на Нетанјаху, нема да присуствува и републиканскиот сенатор Џеј-Ди Венс, кандидат за потпретседател на поранешниот претседател Доналд Трамп.
Демократскиот сенатор Берни Сандерс рече дека нема да присуствува на говорот и ја критикуваше политиката на Нетанјаху на Западниот Брег и Газа.
Демократскиот сенатор Дик Дурбан рече дека го поддржува Израел, но „нема да стојам и да го бодрам неговиот сегашен премиер“.
Критичарите ја обвинуваат владата на Нетанјаху за тоа како ја води војната во Газа, особено тврдејќи дека Израел не направил доволно за да ги заштити палестинските цивили или да обезбеди проток на хуманитарна помош.
Израел ги отфрли критиките и ги обвини милитантите на Хамас дека дејствуваат во области што ги доведуваат цивилите во опасност.
Повеќе протести против Нетанјаху се планирани за денес, по демонстрациите во вторникот во зградата на Претставничкиот дом на САД и пред хотелот на Нетанјаху.
Во вторникот имаше и демонстрации на националното шеталиште во Вашингтон, каде што семејствата на некои од заложниците, кои сè уште се држат во Газа, побараа од Нетанјаху да се согласи на договор за прекин на огнот што ќе ги врати заложниците дома.
Војната започна со нападот на Хамас врз Израел на почетокот на октомври во кој загинаа 1.200 луѓе. Израел одговори со кампања на копнени и воздушни напади во кои загинаа повеќе од 39.000 луѓе, според Министерството за здравство на Газа.
Некои информации во текстот се од Асошиетед прес, агенцијата Франс- прес и Ројтерс