Напад на Тел Авив со дрон, одговорноста ја презедоа јеменските Хути

Припадници на израелските безбедносни сили се видени во областа каде што се случи експлозија во Тел Авив на 19 јули 2024 година

Беспилотно летало со долг дострел од иранско производство го погоди центарот на Тел Авив во раните утрински часови денес. Одговорноста за нападот ја презедоа јеменските Хути. Еден човек загинал, а полесно се ранети четворица, соопшти израелската војска и службите за итни случаи.

Експлозијата, која не активирала аларми за воздушен напад, се случила неколку часа откако израелската војска потврди дека убила висок командант на Хезболах, кој поддржан од Иран во јужен Либан.

Главниот портпарол, контраадмиралот Даниел Хагари, рече дека војската проценила оти дронот е надграден модел Самад-3 од иранско производство.

„Нашата проценка е дека пристигна од Јемен во Тел Авив“, рече тој на брифинг со новинарите.

Тој исто така рече дека има „зголемени знаци“ дека Мохамед Деиф, шеф на военото крило на Хамас, бил убиен во израелски воздушен напад минатата недела.

Нападот врз Тел Авив, кој доаѓа во пресрет на посетата на Вашингтон на премиерот Бенјамин Нетанјаху следната недела, веројатно ќе ги разгори стравувањата за понатамошни последици од војната во Газа, како што Хутите и другите ирански посредници се на страната на палестинската милитантна група Хамас.

Израелски официјален претставник изјави дека војската сè уште истражува зошто дронот не го активирал алармот, но првичните извештаи сугерираат дека дронот бил идентификуван, но сирените не се огласиле поради човечка грешка.

„Зборуваме за големо беспилотно летало што може да лета на големи растојанија“, изјави воениот претставник за новинарите по нападот.

Војската соопшти дека воздушните патроли се зголемени за да се заштити израелскиот воздушен простор, но рече дека не наредила нови мерки за цивилна одбрана.

Градоначалникот на Тел Авив изјави дека градот, економскиот центар на Израел, е ставен во состојба на зголемена готовност.

Портпаролот на јеменските хути, кои како Хезболах се усогласени со Иран, рече дека групата го нападнала Тел Авив со беспилотно летало и дека ќе продолжи да го напаѓа Израел во знак на солидарност со Палестинците во војната во Газа.

Во телевизискиот говор, портпаролот Јахја Сари го нарече Тел Авив примарна цел „во опсегот на нашето оружје“.

Тој рече дека нападот бил изведен со помош на нов дрон наречен „Јафа“, за кој рече дека е способен да ги заобиколи системите за пресретнување и не може да се открие од радарите.

„Операцијата успешно ги постигна своите цели“, рече Сари.

Израелската служба за итни случаи соопшти дека телото на 50-годишен маж е пронајдено во стан во близина на експлозијата, а четири лица се пренесени во болница со лесни повреди. Уште четворица биле лекувани. Сите тие подоцна биле пуштени дома, сопштија здравствените служби.

Секој ден има меѓусебни напади на Израел и Хезболах долж својата северна граница и во јужен Либан од почетокот на војната во Газа, што предизвикува страв од поширок регионален конфликт доколку ситуацијата ескалира.

Хутите, исто така, ги засилија нападите против Израел и западните цели, велејќи дека дејствуваат во солидарност со Палестинците, откако Израел го нападна појасот Газа по минатогодишниот напад на милитантите на Хамас врз јужен Израел.

Борците предводени од Хамас упаднаа во израелските градови на 7 октомври, убивајќи околу 1.200 луѓе и зедоа повеќе од 250 заложници назад во Газа, според израелските податоци.

Оттогаш, повеќе од 38.000 Палестинци се убиени во нападот на Израел врз Појасот Газа, според здравствените власти во енклавата.